Македонија
Филипче: Владата работи спротивно на интересите на граѓаните, Радовиш е една од општините во која може да победиме

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера се сретна со граѓаните и членовите на СДСМ во Радовиш, каде што испрати силни пораки за актуелната состојба во државата и идните предизвици.
„ВМРО-ДПМНЕ не ја води државата како што треба, тоа ние го знаевме и граѓаните го гледаат тоа. Граѓаните веќе ги гледаат и чувствуваат лошите политики. Но тоа не значи дека по автоматизам ќе ни ја вратат нам довербата“, истакна Филипче.
Тој порача дека Македонија има Влада која работи спротивно на интересите на граѓаните и на државата.
„Имаме работа со Влада којашто како никогаш досега во историјата на земјата работи спротивно на интересите на граѓаните и на државата. Што и да прават, колку и да ја ставаат на максимум својата пропаганда којашто на некој начин е фабрика на илузии, тоа граѓаните не може да ги залаже“, изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека економската состојба станува сè потешка за граѓаните, додека Владата не презема мерки за подобрување на стандардот.
„Луѓето не можат да врзат крај со крај со платите коишто Владата никако не сака да ги зголеми. Младите само планираат како да се иселат од земјата, тоа се нивните разговори“, рече Филипче.
Говорејќи за Радовиш, Филипче изрази цврста верба во успехот на претстојните избори.
„Радовиш е еден од градовите каде што може да победиме на изборите – цврсто сум убеден. Затоа што знаеме што не доведе до тука и сме тргнати по патот на корекција на работите и тоа го приметуваат луѓето. Ако продолжиме вака, да знаете дека успехот е загарантиран“, порача Филипче.
На крајот, тој упати апел до членството за заедништво и мобилизација.
„Да работиме заедно, да се поддржуваме еден со друг, нас партијата ни е семејство. Да го мобилизираме целокупното членство, сите околу нас“, истакна претседателот на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Љубица Јанчева

Освен тоа што покажаа дека Данела Арсовска работи за СДС и ДУИ, покажаа и колку се правно неписмени во обидот да направат политика и да ја оправдаат елементарната непогода, Данела Арсовска, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Агенцијата за катастар не донесува или брише конкретни акти по сопствена одлука туку врз основа на барање на корисниците на услугите на Агенцијата.
Агенцијата за катастар на недвижнини постапила согласно Закон и за тоа била обврзана, во спротивно би го прекршила законот.
Имено согласно Законот за катастар Агенцијата врши упис и брише упис по правен основ. Во конкретниот случај, тоа е решение за легализација кое го има доставено општината Чаир. Агенцијата за катастар согласно законските надлежности само гледа дали решението е доставено од надлежен орган, дали има печат за правосилност и потпис од овластеното лице. Катастарот врз основа на овие параметри врши упис, а за веродостојноста на решението за легализација одговара општината.
Општината Чаир има доставено во Агенцијата за катастар решение за поништување на легализацијата. Од Управата им било побарано да достават платена административна такса и потоа легализацијата е избришана.
Повторуваме Агенцијата за катастар не носи решенија за бришење, туку постапува по конкретни акти на корисници во случајот општина Чаир.
Да се остават на страна драмите на СДС, за некакви инсајдери, доушници, свиркачи. Љубица Јанчева не ја откри Америка, туку потребно е да ги научи правните прописи по кои работат институциите“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Модуларната болница на Филипче во моментот кога изгорела немала одобрение за поставување и употреба

Венко Филипче иако не смеел, дозволил изградба на модуларни болници со неогноотпорни материјали, рече денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Тој кажа дека Артан Етеми, поранешниот економски директор на Тетовската болница, кој е осуден на 1,5 година затвор за случајот со модуларната болница, до последен момент одбивал да ја прими и да ја пушти во употреба модуларната болница.
„Повеќето директори на болници низ целата Македонија се противеле на поставување на модуларни болници, бидејќи немало приклучоци, немало надзор, немале средства за да платат приклучоци, да ангажираат фирми итн. Во овој дел, Светска банка барала да види одобренија за поставување и употреба на модуларните болници и извод од Катастар, со цел за да се покаже одржливост на проектот. Но, одобрение не можела да издаде ниту општината, ниту Министерството за транспорт и врски, бидејќи не е запазена процедурата и одредбите од Законот за градење. Катастарот одбивал да врши упис на истите, бидејќи се набавени како стоки и нема извештај од надзор согласно член 74 од Законот за градење за да се запишат, а Катастарот врши упис само на недвижности. Економскиот директор на Тетовската болница, каде што се случи пожарот, до последен момент се противел на поставување на модуларните болници, бидејќи не се опремени за да се издава здравствена и медицинска нега ниту пак биле во рамките на законските прописи. Сепак, со одлука на Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, модуларните болници се пуштаат во употреба“, истакна Манасиевски.
Тој нагласи дека „клучен факт е дека во моментот на критичниот настан, модуларната болница во Тетово нема одобрение ниту за поставување, ниту за употреба од Министерството за здравство. Болницата изгорела за неполни две минути, за што има и снимки, листа на документи и докази кои Јавното обвинителство ги крие“.
Манасиевски го обвини Филипче дека „дозволил пациенти со тешка клиничка слика да се лекуваат во објекти кои не можеле да служат за ништо друго, освен како настрешници“.
„Дали Јавното обвинителство го штити Филипче? Зошто обвинетите поранешни директори на Тетовската болница рекоа дека вистинскиот виновник треба да седи до нив на обвинителната клупа, а тоа е Венко Филипче? Зошто Филипче е изземен од целата оваа ситуација? Дали судиите одработуваат за него, во знак на благодарност за можноста да бидат избрани?“, праша Манасиевски.
Нови детали најави за утре во 12 часот.
Македонија
Изминатите пет години ниту едно дете без родителска грижа под 18 години не е сместено во резиденцијална институција

Според последните податоци во државава има 380 згрижувачки семејства и 627 згрижени корисници. Изминатите пет години ниту едно дете без родителска грижа под 18 години не е сместено во резиденцијална институција. Над 80 проценти од овие деца се во згрижувачки семејства, а останатите во мали групни домови, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади во честитката по повод Меѓународниот ден на детето и згрижувачките семејства.
Министерството, како што велат, работи и на проширување на капацитетите за предучилишното образование, со цел повеќе деца да имаат можност да посетуваат градинка и на тој начин да обезбедат подобри шанси за успех во следните нивоа на образование.
„Земајќи го предвид значењето на раната интервенција кај децата со развојни потешкотии се потпиша трипартитен меморандум за соработка помеѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, и Министерството за образование и наука, со заедничката заложба и интерес за воспоставување на семејно-ориентиран систем на рана интервенција во детството во Република Северна Македонија. Процесот овозможува: идентификување и поддршка на децата со развојни задоцнувања, обезбедување на мултидисциплинарни услуги, вклучувајќи логопеди, психолози и специјални едукатори, јакнење на капацитетите на стручниот кадар и подобрување на координацијата меѓу институциите. Министерството во континуитет вложува напори и во развој на социјални услуги на локално ниво преку две важни процеси како што е процесот на лиценцирање така и процесот на финансирање особено во социјалните услуги кои се ориентирани кон индивидуалната потреба на децата и нивните семејства. Социјалната услуга како лична асистенција може да се користи од 6 година на возраст на детето. Особено се дава посебен фокус на развојот на социјалната услуга дневен престој со индивидуален третман каде децата ја добиваат услугата зависно од нивната функционалност“, пишуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Оттаму нагласуваат дека посветеноста на Владата во областа на детската заштита се потврдува и со изработката на Националниот акциски план за правата на децата 2025-2029, кој е во завршна фаза на усвојување.
„Преку овој план, поставуваме основа за заштита на нивните права, создавање еднакви можности и промовирање на нивниот развој во средини што ги поттикнуваат нивните потенцијали. Работиме на воведување на Европската детска гаранција за еднаков пристап до основни услуги за најранливите деца – здравство, образование, домување, згрижување со цел намалување на детската сиромаштија, како и зголемување од 15% на паричните додатоци наменети за децата“, стои во соопштението.