Регион
Милановиќ: Хрватска расте, но не се развива

Хрватска расте, но не се развива, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој на почетокот на оваа година доби уште еден петгодишен претседателски мандат, со најавата дека повеќе нема да се кандидира на избори за која било позиција.
На Деновите на комуникациите во Ровињ, кои почнаа вчера попладне, Милановиќ зборуваше за глобалните предизвици, политичката средина и за важноста на комуникациите, особено во времето на технолошкиот напредок тврдејќи дека Хрватска останала на одредено ниво во последните 30 години, без оглед на разните промени.
„Хрватска остана во рамките на истата парадигма, истите две партии, слични конфликти на идеологии, истите приказни и обвинувања едни против други“, рече Милановиќ на отворањето на Денот на комуникациите.
Тој додаде дека Хрватска „со сите нови алатки, со вештачка интелигенција, сè уште стои во место, скалите се исти, целите се слични, а БДП расте“.
Во такви околности, според претседателот, Хрватска мора да се праша каде е како мала земја во денешна Европа. „Едноставно, Хрватска расте во значителна мера, но не се развива на вистински начин. Ние сме даватели на услуги, а оваа услуга што ја обезбедува Хрватска и од која живее релативно пристојно е нешто многу лабилно и не е нешто што гарантира континуитет и неповредливост“, рече Милановиќ, пренесува „Танјуг“.
Зборувајќи за положбата на Хрватите во Европа, Милановиќ вели дека нација, како Хрватска, Унгарија, Германија, Австрија и речиси сите европски земји, е првенствено ориентирана кон себе, а во нејзината основа е себичноста, а не злобата.
„Сите го прават тоа, некои зборуваат малку премногу за тоа, како унгарскиот премиер Виктор Орбан, но во основа сите се однесуваат така“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека Хрватска во таква Европа се бори за својот простор, за својата безбедност и за својата одбрана. „Во такви околности се обидуваме да привлечеме внимание кон себе, притоа внимавајќи никому премногу да не му забележиме и да добиеме нешто за себе, односно да сме заштитени од надворешни влијанија и од силата на потенцијалните непријатели“, рече Милановиќ. Милановиќ исто така рече дека повеќе нема да се кандидира за никаква политичка функција.
„Како што времето минува, и во мојата епизода времето минува. Повеќе нема да бидам кандидат за претседател или за што и да било во политиката. Полека сумирам некои работи. Сфаќам дека е убаво да се биде во стадото, но во стадото и смрди“, заклучи Милановиќ, објави „Хина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот, јазикот, вели бугарскиот министер Георгиев

Ниту еден обид за заобиколување на консензусот од 2022 година за Северна Македонија нема да биде успешен. Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот, јазикот и слични формулации, изјави во Брисел министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев, пренесуваат бугарските медиуми.
„Засрамени сме од фактот што политичарите предвидуваат развој на настаните во врска со извештајот, од мешањето на земја-кандидат во работата на ЕП. Нашите европратеници работат исклучително активно. Она што зависи од извршната власт и комуникациите што таа може да ги спроведува – исто така.“
Тој истакнува дека ваквите разговори како оние на Мицкоски, можат да имаат само краткорочен популистички резултат, нагласувајќи дека пристапувањето кон Европската Унија се заснова на принципи, вредности и одговорности.
„Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот, јазикот и слични формулации. Европските институции не треба да се користат за инструментализирање на една или друга политика. Ниту еден обид за заобиколување на консензусот од 2022 година нема да биде успешен, бидејќи ќе наиде на решителен отпор од Бугарија. Од разговорите со другите колеги, нема земја-членка на ЕУ што би отстапила од она што беше постигнато тогаш. Консензусот останува валиден. Ние ја почитуваме работата на ЕП на извештајот, но тој нема меѓународно правно обврзувачка природа. Секој кандидат мора да ги почитува условите на сите земји-членки“, објасни Георгиев.
„Сакам да ги уверам бугарските граѓани и сите заинтересирани за процесот дека го охрабруваме процесот на проширување, но тој мора да се базира на сопствените заслуги“, додаде тој.
Регион
Вучиќ: Светот е во хаос, веќе не постојат правила

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по седницата на проширениот колегиум на началникот на Генералштабот изјави дека денешниот состанок е „една од пресвртниците за претстојните промени во српската армија“ и дека денес светот функционира без права, правда и какви било правила. Тој се осврна и на најактуелната тема – конфликтот меѓу Иран и Израел, како и на реакцијата на Соединетите Американски Држави.
Како што рече, Србија ја промени својата воена доктрина.
„Според новата доктрина, нашата армија мора да биде неспоредливо посилна. Во изминатата година направивме многу за модернизација и унапредување на нашата армија. Денес живееме во свет каде што законот и правдата повеќе не постојат, а сега и правилата исчезнаа. Мора да го прифатиме и разбереме тоа“, рече Вучиќ, пренесуваат српските медиуми.
Тој додаде дека е „многу тешко да се разбере и прифати“. „Но, мораме. Да бидеме членка на Обединетите нации, да имаме гарантиран територијален интегритет врз основа на одлуките на ОН – тоа денес повеќе не значи ништо. Големите сили брутално го газат тоа кога им одговара, измислувајќи некои нови, непостоечки принципи. И ние мора да се прилагодиме на тоа. Мора да го подигнеме нивото на нашите одбранбени способности и сè што правиме, го правиме за граѓаните на Србија“, нагласи Вучиќ.
Тој исто така рече дека ова нема никаква врска со „суетата на државите“, како што ја опишуваат некои швајцарски аналитичари.
„Станува збор за највисоките интереси на граѓаните на Србија – да бидат заштитени, безбедни и безгрижни. Според тоа, анализиравме неколку работи. За прв пат имам добри вести кога станува збор за персоналот. Исклучително сум среќен поради тоа. За прв пат имаме поголем одговор за различни единици отколку што очекувавме“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за војната меѓу Израел и Иран, Вучиќ се осврна и на ставот на Србија кон овие земји.
„Двете нации се пријателски настроени кон нас. Сакаме мир и не разбирам зошто немаше обид сè да се реши дипломатски. Да бидам попрецизен – бидејќи човек мора да биде искрен кон себе и кон својата земја – сакаме најблиски односи со Соединетите Американски Држави, стратешко партнерство. Ние сме мала земја. Но, дали САД го прекршија меѓународното јавно право? Апсолутно го прекршија“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија зборувала за ова и во други случаи.
„Нема права, нема правда. И, што е поважно, денес нема правила. Зошто го велам ова? Затоа што тонеме во целосен хаос. Целиот свет. Цената на нафтата денес е за 25 проценти повисока отколку пред десет дена. Ги држиме цените на пумпите со сила за да не експлодираат. И не станува збор само за цената на нафтата. Цената на гасот вртоглаво скокна. Веќе не е ни прашање на цена“, рече Вучиќ.
Тој одговори и на прашањето за извозот на муниција во Израел и рече дека сè е запрено по почетокот на војната во Иран.
„Продаваме муниција, која директно издржува 24.000 луѓе, а индиректно 50.000. Со членовите на семејството, тоа се околу 150.000 луѓе во оваа земја. Нема да оставам 150.000 луѓе без леб. Напротив, моја работа како претседател е да отворам пазари за нив. И им ги отворив речиси сите азиски пазари. И американскиот пазар“, рече Вучиќ, додавајќи дека Србија извезува муниција веќе 15 години.
Регион
Брнабиќ за извозот на оружје во Израел: Жал ми е за војните, но Србија мора да го продаде тоа што го произведува

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ синоќа во врска со критиките на властите за извоз на оружје во Израел изјави дека и е „жал за војните“, но дека Србија мора да ги продаде оружјето и муницијата што ги произведува.
„Оваа земја има своја наменска индустрија, таа е значаен фактор во нашата економија и поддржува десетици илјади семејства во Србија“, изјави Брнабиќ за ТВ Пинк.
Таа оцени дека Србија „сигурно може да се гордее со својата индустрија“.
„Но, знаете, наменската индустрија произведува муниција и оружје, кои обично се користат во војни. Да, ние ги извезуваме сите наши производи од наменската индустрија“, рече Брнабиќ.
Според неа, целокупното производство на српската наменска индустрија е резервирано со години однапред, што е добро за луѓето кои работат во таа област и за домашната економија.