Европски самит во Лондон посветен на Украина и безбедноста
Во организација на британскиот премиер Кир Стармер денеска во Лондон ќе се одржи самит со учество на 15-тина лидери од Европа, посветен на „унапредување на европските активности за Украина и безбедноста“.
- Премиерот (Стармер) ќе го искористи самитот за да ги унапреди европските активности за Украина, демонстрирајќи ја нашата непоколеблива колективна поддршка за праведен и траен мир и трајно решение кое ги гарантира идниот суверенитет и безбедност на Украина, соопшти Даунинг стрит 10 во петокот.
Во соопштението се посочува дека во пресрет на самитот, Стармер претпладнево ќе има телефонски разговори со лидерите на балтичките земји, по што ќе одржи средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Европскиот самит е предвиден за попладнево и според најавите на него се поканети лидерите на Германија, Данска, Италија, Норвешка, Полска, Романија, Турција, Финска, Франција, Холандија, Чешка, Шведска и Шпанија, како и Зеленски, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.