• Горан Упале

Ракометниот суперлигаш Куманово продолжува со засилувањата за новата натпреварувачка сезона. Нов член на кумановскиот тим е Виктор Трифуновски, ракометар кој покрива две позиции – лев и среден бек.
Трифуновски во својата кариера настапуваше за сите младински школи на Вардар, вклучувајќи го и вториот тим на „црвено-црните“, а потоа ги бранеше боите на Аеродром од Скопје и Борец од Велес.
„Искрено се чуствувам одлично и мотивирано откако потпишав за клуб како МРК Куманово. Со нетрпение очекувам да започнат најпрво подготовките, пријателските натпревари,за потоа и националниот шампионат каде се надевам дека ќе ги оствариме зацртаните цели заедно со целата екипа“, изјави Трифуновски веднаш по потпишувањето на договорот со МРК Куманово.
Инаку, Куманово пред извесно време за нов тренер на тимот го назначи поранешниот репрезентативец на Македонија, Аце Станковски.