Македонија
Македонците се најнесреќни на Балканот, според светскиот извештај за среќа

Граѓаните на Северна Македонија се најнесреќни во регионот, покажува најновиот Светски извештај за среќа за 2023 година.
Спoред медиумите во регионот, Северна Македонија е на 87 место меѓу 137 земји, на последно место на Балканот и меѓу најнесреќните земји во Европа.
Во регионот Словенија е најсреќна и се наоѓа на 22 место, Косово е на 34 место, Србија на 45, Хрватска на 48, Грција на 58 место, Црна Гора на 67, Босна и Херцеговина на 71, Бугарија на 77 и Албанија на 83 место на светскиот извештај за среќа.
Само Грузија (90 место), Украина (92) и Турција (106) се рангирани пониско од Северна Македонија, е наведено во извештајот.
Авганистан и Либан се најнесреќните земји во светот, Финците се најсреќни, а во првите пет се и Данска, Исланд, Израел и Холандија.
Ова е 11-та година од објавувањето на извештајот за 20 март – Меѓународниот ден на среќата, кој беше прогласен од Генералното собрание на Обединетите нации во 2012 година.
Извештајот секоја година го составуваат научници од Соединетите Американски Држави врз основа на анкети на Институтот Галуп, кој опфаќа 137 земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Томас: Меѓувладиниот договор ќе поддржи испорака на клучни проекти, со фокус на модерни здравствени установи и пристап до здравствени услуги

Обединетото Кралство и Македонија имаат навистина силни билатерални односи како сојузници во НАТО и ова ново партнерство е значителен чекор напред во идната трговија меѓу нашите две држави, вели во изјавата Гарет Томас, министер за трговија и извоз на Обединетото Кралство по потпишување на меѓувладиниот договор меѓу Македонија и Обединетото Кралство.
„Навистина е задоволство да бидеме домаќини на вицепремиерот Николоски тука во Лондон, како и на големата делегација составена од други министри и претставници од кабинетите, за потпишувањето на нашето меѓувладино партнерство. Навистина сум возбуден што македонските и британските бизниси ќе работат заедно за да можат да испорачаат важни инфраструктурни проекти во Македонија“.
Томас нагласува дека Меѓувладиниот договор ќе поддржи испорака на клучни проекти, прво со фокус на модерни здравствени установи и пристап до здравствени услуги.
„Секако тука е и новата железница, со што ќе се намали и времето на патување, и за луѓето, и за стоките. Инфраструктурните инвестиции знаеме дека се клучни за да се поттикне економскиот раст и да се подобри животот на граѓаните. Знам дека тоа е наша заедничка цел, за нашите влади се разбира и ова партнерство е поддршка за таквата испорака, за да се поттикне растот, да се споделат најдобрите практики меѓу нашите две нации, и секако односот меѓу нас да дојде на едно ново ниво”, изјави Гарет Томас министер за трговија и извоз на Обединетото Кралство.
Македонија
Сиљановска-Давкова телефонски разговораше со Зеленски: Поддршка за крај на војната

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова денеска имаше кус телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Во разговорот претседателот Зеленски ја информирал македонската претседателка за интензивните дипломатски напори насочени кон постигнување на договор за праведен мир во најскоро време.
Сиљановска-Давкова изразила поддршка на напорите за крај на војната.
Украинскиот претседател се заблагодарил за македонската поддршка и најавил одржување на Самит ,,Украина – Југоисточна Европа” на лидерите на земјите од регионот.
Македонија
„СкопСтер“: На вработените во пералната на Клинички им е исплатен дел од старите плати

Во врска со актуелните случувања и статусот со исплатата на плати за вработените во пералната која е дел од Клинички центар „Мајка Тереза“ -Скопје, а пред сѐ имајќи ја предвид сериозноста на овој сегмент, денес е исплатен дел од старите плати на вработените во пералната, соопштија од „СкопСтер“, компанија која управува со пералната од минатата година.
Дополнително, велат од таму, интензивно работиме на краткорочни мерки за обезбедување финансии и исплата на заостанатите плати.
„Во таа смисла, ги земаме предвид и обврските од Службата за Општи и Заеднички Работи (СОЗР) и веруваме дека како и во овој случај, со заеднички сили ќе изнајдеме решение со кое вработените ќе добиваат плати навремено. Дополнително, веруваме дека СОЗР исто така ќе има разбирање и навремено ќе ги реализира преостанатите обврски за 2024 година, како и тековните“, се наведува во соопштението.
Од компанијата велат дека јавно им се заблагодаруваат на сите вработени за разбирањето и потенцираат дека како компанија која управува со пералната, во рамки на долгорочната стратегија имаат готов проект за целосно реновирање и инсталирање нова опрема, со што сметаат дека ќе придонесат за унапредување на нивната работна средина и подобрување на здравствените услуги од овој домен.
Некои медиуми објавија дека вработените во пералната не примиле плата од декември минатата година.