СДСМ бара владата да ги поништи тендерите за мерење рејтинзи и да ги пренамени парите за Кочани - владата ги обвини за политичка некрофилија

Власта манифестира нечуствутелност и расипништво во време кога граѓаните врзуваат едвај крај со крај и се во колективна тага, реагира СДСМ, по најавата дека за време на деновите на жалост, Владата склучила договор за мерење рејтинг вреден околу 370 илјади евра, а во исто време, на тендер бара фирма која ќе набави софтвер за медиумски мониторинг, кој ќе ги собира објавените вести и ќе ги класифицира како позитивни, негативни или неутрални.

Од Бихаќка во ова гледаат обид за контрола врз медиумите. Бараат Владата да ги поништи тендерите и овие пари да ги пренаменети за жртвите од кочанската трагедија.

СДСМ води политика на ниски страсти и некрофилија, одговорија од ВМРО ДПМНЕ.  Оттаму појаснуваат дека нема тендер за мерење рејтинг, туку истражување на јавното мислење за проекти и реформи за тоа дали народот ги прифаќа или не.

Иако побаравме став, до почетокот на овие вести од Владата не добивме одговор за барањата на СДСМ. За дел од новинарите и комуниколозите, потегот на Владата за прес клипинг е спорен. Комуникологот Бојан Кордалов вели дека секоја Влада треба да следи што медиумите објавуваат, но во насока да се подобри, а не да ги оценува вестите како позитивни и негативни.

Новинарката Сашка Цветсковска од ИРЛ реагира дека не е работа на Владата да ги оценува медуимските содржини. Новинарските здруженија ја следат состојбата и ќе преземат се што ќе биде во интерес на поголема транспарентност на целиот процес.