Четирнаесетмесечното бебе кое почина во саботата во раните утрински часови на Детската клиника при Клиничката болница „Мајка Тереза“ во Скопје претходно било одбивано за хоспитализација, потврди министерот за здравство Арбен Таравари, пренесе ТВ Телма.
Тој вели дека ги знае деталите од случајот, но не сакаше да ги коментира причините за одбивањето, оти како што кажа сите информации ги очекува и од комисијата која во текот на утрешниот ден ќе ги истражува двете клиники каде бебето било лекувано – Детската клиника и „Козле“. Каков и да биде исходот од истрагата на инспекцијата, Таравари вели – одговорност мора да има.
Министерството за здравство вчера соопшти дека „починатото 14-месечно бебе, донесено рано утринава на Клиниката за детски болести е хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции.
„Настапило рапидно влошување на состојбата, со отежнато дишење, со пад на сатурација.
Телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврдат причините за смртта, се наведува во вчерашното соопштение од Министерството за здравство.