Кос - Жељазков: Европската интеграција носи стабилност и безбедност во регионот на Западен Балкан

Европската интеграција на Западен Балкан и важноста од проширувањето на Унијата била во фокусот на средбата на бугарскиот премиер Росен Жељазков со еврокомесарката за проширување Марта Кос, која во Софија имаше средби со највисоките бугарски политички претставници.

Бугарија секогаш со особено внимание и висок степен на одговорност пристапувала кон напорите за целосна и полноправна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ и Софија го поддржува европскиот пат на секоја земја од Западен Балкан, според принципите на индивидуалниот пристап и постигнатиот напредок, изјави бугарскиот премиер по средбата со Кос.

„Европската иднина на Западен Балкан е гаранција за просперитет и мир, но и своевидна превенција од влијанието на силите кои имаат за цел неединство и нестабилност како во регионот, така и во Европа во целина. Дополнително, интеграцијата на земјите од регионот на Западен Балкан е стратешки избор поврзан со безбедноста, стабилноста и конкурентноста на целиот континент.“ - Росен Жељазков премиер на Бугарија.

Еврокомесарката Кос рече дека проширувањето е еден од најважните приоритети на актуелната Европска комисија.

„Приклучувањето на вашите соседи во Европската Унија ќе донесе многу придобивки за бизнисите во Бугарија. Тоа ќе ја поттикне трговијата, ќе ги подобри можностите за инвестирање и ќе го подобри пристапот до Централна Европа.“ - Марта Кос еврокомесарка за проширување. 

Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат, изјави претходно еврокомесарката Кос  за Европската новинска редакција. Таа вели дека најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес и дека Европската комисија работи на тоа да и помогне на земјата да ги почне преговорите по кластери.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на неодамнешниот состанок на сестринските партии во Брисел, изјави дека е подготвен да ја жртвува сопствената политичка кариера, за да се внесат Бугарите во Уставот и Македонија да продолжи по европскиот пат, обвинувајќи ја сегашната влада за „самонаметнато вето“ и за „откажување од евроинтеграциите“.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ му одговорија дека Ковачевски, Маричиќ и Османи, две години тврдеа дека уставните измени ќе бидат последно барање на Бугарија, и дека Софија и Брисел јасно кажаа дека уставните измени нема да бидат последно барање.