Ослободена од обвинение поранешната министерка Елизабета Канческа Милевска

Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска денеска доби ослободителна пресуда за предметот „Тендери“, за кој судскиот процес траеше пет години. Таа во предметот беше обвинета за „злоупотреба на службената должност и овластување“, а ослободителни пресуди добија и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова –Цветковска кои беа обвинети во предметот.

Според Судот, обвинителството не докажало дека обвинетите го сториле делото. Во овој предмет Канческа-Милевска беше обвинета од поранешното Специјално обвинителство за злоупотреба на функцијата при изградбата на проектот Скопје 2014.

-Јавниот обвинител не понуди конкретни докази дека обвинетата преку второобвинетата договорила за откако ќе се објави огласот, тендерот да биде доделен на АД „Бетон“ Штип. Обвинелството не докажа како обвинетите го фаворизирале „Бетон“ АД Штип. Остана недокажано дека се извршени градежни активности пред да биде распишана постапка, тоа се докажа со супервештачењето. Јавниот обвинител не докажа дека јавната набавка е спротивна на Законот за јавни набавки, дека постои нееднаков третман, дека процесот бил на нетранспарентен начин. Недокажани останаа и останати тврдења од обвинителниот акт во смисла на тоа дека сведокот Ангелина Недевска, член на Комисијата за јавни набавки не знаела дека се спроведуваат градежни работи. Јавниот обвинител не докажа дека се изведувани градежни работи предвиден во огласот, пред јавната набавка. Од градежните книги тоа не се утврди, ниту од исказите на сведоците, истакна судијата Осман Шабани.