Скопје
Герасимовски: Владата во најбрз можен рок да ја преточи нашата иницијатива во закон

„Очекувам иницијативата на Општина Центар за поригорозни мерки и зголемена одговорност за малолетничкиот вандализам да добие зелено светло на владината седница. Следното е да се оформи работна група, составена од повеќе министерства, која ќе работи на нејзиното преточување во законски одредби. Со тоа, оваа иницијатива ќе стане функционална и применлива“, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во изјава за МРТВ.
Во врска со проверките кои се спроведуваат со колегите и надлежните служби на терен, Герасимовски посочи дека цел е уште од сега да се преземат мерки и да има што поголемо полициско присуство на одредени точки, за во потоплите денови, кога ваквите појави зачестуваат, да спречиме нивно повторување.
,,Навременото делување е клучно за обезбедување безбедна и уредна средина за сите граѓани”, истакна градоначалникот.
Герасимовски е дециден дека одговорноста мора да биде индивидуализирана, а мерките праведни и ефикасни.
„Не се виновни сите деца, но оние што намерно оштетуваат јавен имот треба да сносат одговорност. Затоа предлагаме мерка според која сторителите, заедно со родителите, ќе мораат да ги поправат реквизитите што ги уништиле. Вака ќе поттикнеме поголема свест и почит кон јавниот простор,“ рече Герасимовски.
Тој подвлече дека иницијативата не е насочена против децата, туку кон нивно подобро воспитување и насочување кон спортот и позитивните вредности.
„Важно е сите заедно да ја негуваме јавната одговорност и да создадеме безбедна и уредна средина за нашите најмлади. Верувам дека оваа иницијатива ќе добие поддршка и наскоро ќе стане реалност”, заклучи Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вкусна трпеза и музика во 18 часот во Паркот на Франкофонијата во Скопје

Градоначалникот Горан Герасимовски ги поканува скопјани денеска во 18.00 часот на добра традиционална македонска и европска трпеза во Паркот на Франкофонијата. Герасимовски вели дека културно-гастрономскиот настан „Нож и виљушка на европска чинија“ e можност за дружење, културна размена и зајакнување на заедништвото.
„Денеска, со почеток во 18.00 часот повторно го организираме настанот ‘Нож и виљушка на европска чинија’, кадешто ќе дегустираме вкусна храна и ќе слушаме добра музика од диџеј Зоки Бејбе и Наде Талевска бенд. Центар поврзува – преку храна и музика. Ве чекаме во Паркот на Франкофонија да го прославиме богатството на различности со убава трпеза и пријатна атмосфера“, истакнува Герасимовски.
Гастрономскиот настан „Нож и виљушка на европска чинија“ е организиран од Општина Центар и истиот е отворен за сите граѓани.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-80 мм на улицата Црвена вода бр. 24, општина Центар, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Дел од Центар, Чучер Сандево и од Зелениково без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 06:00 – 09:00 часот, корисниците од улицата Борка Талевски, општина Центар;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците од селата: Горно Оризари и Голиево, вклучувајќи го и каменоломот на АД Гранит во село Бразда, општина Чучер Сандево;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од дел од село Страхојадица, општина Зелениково.