Додека Македонија и многу други земји сè уште се вртат во круг околу свои хронични проблеми и неуспешни економски модели, Кина чекори со брзи и стабилни чекори напред – и тоа со модел кој не се вклопува во западните рамки, но успева да испорача резултати. Со државна стратегија, технолошки развој и модерна комуникација, Кина го трасира патот на иднината без да го наметнува својот пристап.
Нè делат повеќе од 7.500 километри и 6 временски зони од Кина. Но вистинската дистанца е симболична – Кина веќе живее во иднината, додека многу земји како Македонија (а и други) остануваат заглавени во дебати за кризи, штедење и неуспешни реформи. Кина, напротив, гради континуирана развојна агенда која ја поставува неколку децении пред остатокот од светот.

Во оваа земја, иднината навистина изгледа како да веќе е дојдена. Огромната инфраструктура, индустриската моќ, напредокот во технологијата и капацитетот за долгорочно планирање нудат нова, хумана, кинеска верзија на капитализмот, предводена од Комунистичката партија. Овој хибриден систем – наречен „социјализам со кинески карактеристики“ – можеби некому му звучи парадоксално, но еден факт останува: тој е најуспешниот економски модел на денешницата во поглед на раст, стабилност и глобално влијание.

Од потрошувачката стока што ги преплавува светските пазари до вештачката интелигенција, роботиката, чистите извори на енергија и модерниот урбан транспорт – Кина стана главната фабрика и дизајнер на 21-от век. Градовите ѝ растат со невообичаена брзина, инвестициите во наука и иновации се со невиден обем, а нивото на технолошка софистицираност е сè потешко да се поима од западната перспектива често обоена со предрасуди.
Проблемот е токму тоа: голем дел од Западот, вклучувајќи ја и Македонија, сè уште ја гледа Кина со наочари од минатиот век – како сива, затворена земја со милиони потчинети работници. Но таа слика денес е не само застарена, туку и сосема неточна. Кина е модерна, динамична држава со силен колективен идентитет и растечка средна класа. Нејзините граѓани патуваат, учат, трошат и се позиционираат во светот – но не копирајќи туѓи модели, туку создавајќи сопствени.

Исто така, кинеското раководство, предводено од Си Џинпинг, сфати дека во современиот свет не е доволно само да се прават добри работи – туку истите да се комуницираат добро. Во ера на социјални мрежи, дезинформации и „полу-вистини“, Кина се обидува да изгради нова, попријателска и појасна слика за себеси во очите на странската јавност. Не преку културен империјализам, туку преку соработка и разбирање.

Наместо да го наметнува својот начин на живот, Кина се стреми да го сподели. И тоа го прави преку визија базирана на иновации, еколошка одржливост и почитување на различните патишта до развојот. Тоа не е мала работа, особено во свет во кој традиционалните империјални сили сè уште се борат да ги задржат своите стари привилегии.
Можеби е време не само да го прилагодиме часовникот на пекиншкото време, туку и да разбереме каде точно се наоѓаме во светскиот контекст. Кина, допаѓало тоа некому или не – веќе е сегашноста, а и иднината.
Видео од најбрзорастечкиот мега град во централно западна Кина, Чонгчинг: