Џаред Исакмен (Jared Isaacman) не е само уште еден од листата милијардери кои патуваат во вселената. За разлика од летот на Безос (Blue Origin) и Брансон (Virgin Galactic), Исакмен ќе лета со Inspiration4, летало на SpaceX. Но, по што овој лет се разликува драстично од претходните два?

Да видиме. На 11 јули, Ричард Бренсон со неговата посада се искачил на 80 км до суборбиталната надморска височина и се вратил безбедно на Земјата. На 20 јули, Џеф Безос, се искачи со New Shepard на Blue Origin уште повисоко – 100 км и се приклучи на ексклузивниот клуб на астронаути.
Мотивите се јасни – порака кон сите богати луѓе на светот дека е безбедно да се лета со нивните летала, под услов да имаат шестоцифрена бројка долари да платат за тоа задоволство од 10 минути. Сето тоа, за жал, помалку наликува на освојување на вселената и напредок на човештвото, а повеќе на прескапа адреналинска „вожња“ во луна парк со дестинација – вселената!

Сепак, дали овие двајца милијардери навистина биле во вселената? Зависи како ја дефинирате границата. Безос е категоричен дека вселената започнува на меѓународно признаената линија Карман на околу 100 километри надморска височина. Бренсон, сепак се задоволува со дефиницијата на која им се доделуваат на астронаутски крилја на американските воени пилоти, а тоа е 80 км.
До каде ќе оди Исакмен и Inspiration4?
Во септември, Џаред Исакмен, извршен директор на Shift4 Payments, компанија за плаќања преку Интернет, заедно со уште тројца цивили во мисијата наречена Inspiration4 со вселенското летало Crew Dragon на SpaceX ќе се упати во вселената. Но, нивната „вожња“ нема да трае 10 минути, туку 3 дена во орбитален простор и надморска височина од 540 км, што е за 130 км повисоко од орбитата на Меѓународната вселенска станица (ISS), a 5-6 пати повисоко од Бренсон и Безос.
Освен тоа, мотивот не е отворање на пазарот за туристи, туку желбата која ја имал Исакмен, уште од 5-годишна возраст, а тоа е да патува во вселената. Целиот настан има за цел да се соберат средства за детската болница и истражувачкиот центар St. Jude од Мемфис, САД.
Во една од нашите едукативни книгички зборувавме за тоа какви жртви, сила на ум, волја, физичка и психичка подготвеност била потребна во раните години на освојувањето на вселената.

За разлика од тоа, летот на Inspiration4 ќе биде прв лет на вселенски брод со екипа составена сосема од цивили (иако Исакмен е пилот) кои имаа само шест месеци да се подготват за летот!
Исакмен не ја сподели со јавноста сумата која ја дава за ова задоволство, но колку за споредба, NASA плаќа на SpaceX околу 55 милиони долари за секој астронаут кој патува во вселената.
За свој прв член на екипажот, тој ja избра Хејли Аркено (Hayley Arceneaux), лекар асистент во болницата St. Jude, која и самата била болна како дете. Таа ќе биде најмлада Американка во вселената и прва со вештачки дел од телото – метална прачка на местото на бутната коска, која ја изгубила поради својата болест. Другиот член е случаен добитник на извлекување меѓу донаторите на болницата St. Jude, а третиот е инженер и воен ветеран од Сиетл.
Оваа мисија навистина е инспирација од секој аспект!