Максимално емотивно беше попладнево во Мадрид, на мечот во кој Реал славеше над Реал Сосиедад со 2-0 во последната рунда од Примера дивизион.
По последниот судиски свиреж се беше посветено на Лука Модриќ и на Карло Анчелоти, кој за последен пат ги водеше „кралевите“. Италијанецот кој освои се што можеше да се освои како тренер на Реал се обрати пред преполните трибини, плачејќи додека на големите семафори одеше видео-компилација од најдраматичните натпревари под негово водство, а за време на говорот на Анчелоти се расплака и претседателот Флорентино Перез.
„Добар ден на сите, немојте да мислите дека е лесно денеска да го држам овој говор. Ми беше чест, големо задоволство да бидам тренер на овој клуб, на овој тим. Пред се, би сакал да му заблагодарам на мојот мил претседател, Флорентино Перез. Беше фантастично, ти благодарам за сите овие моменти, беше неверојатно искуство што го делев со тебе, незаборавна приказна… никој не може да ги заборави оние три гола на Бензема со ПСЖ, ниту оние два на Родриго против Сити… Оние асистенции на Лука Модриќ, или пак двата гола што беа дело на Хозелу. Јас можам да кажам дека нема да заборавам ништо, додека сум жив ќе го паметам секој ден што го минав во Реал Мадрид“, истакна Анчелоти, по што доби еуфорични аплаузи од преполните трибини на „Сантијаго Бернабеу“.