Дали возачката дозвола во Германија станува луксуз?
17 мај 2025Да се учиш да возиш во Германија денес бара повеќе од само трпение - потребни се и многу пари. Според најголемиот автомобилски клуб во Германија, АДАЦ, добивањето возачка дозвола може да чини меѓу 2.500 и 3.500 евра - во некои случаи дури и повеќе. За младите луѓе, кои сè уште се школуваат, дозволата сѐ повеќе станува луксуз.
Иако возачка дозвола стекната во земја членка на ЕУ е важечка во целата Унија, начинот на стекнување е регулиран на национално ниво. Секоја земја има свој концепт на автошкола, што пак ја одредува цената. Во Германија часовите за возачка се обемни и строго регулирани со закон. Кандидатите мора да апсолвираат минимум 14 теориски сесии и 12 практични часови по возење.
Наспроти тоа во Полска, на пример, има покомпактна и помалку строго регулирана програма, каде што дозволата може да чини и само 600 евра. Барањата за реформи стануваат сè погласни. Флоријан Милер, портпарол за транспортна политика од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), е меѓу оние кои се залагаат за „современо и модерно образование за возење“ кое кандидатите може финансиски да си го дозволат и кое истовремено ја одразува моменталната реалност на патиштата. На крајот на краиштата, „автомобилот е сè уште превозно средство број еден“ во Германија и многу луѓе зависат од поседување возачка дозвола, вели Милер за ДВ.
„Возењето во Германија е привилегија“
На Варша Ијер тоа ѝ е премногу добро познато. По потекло од Индија, таа се преселила во Германија во 2018 година за да студира. Нејзиниот пат до возачка дозвола бил и емоционално исцрпувачки и финансиски оптоварувачки. Од друга страна, возачката дозвола била и неизбежна бидејќи од нејзиниот дом до Диселдорф, каде што студирала, било тешко да се дојде без автомобил.
За да си ги плати часовите по возење, Ијер работела со скратено работно време во пекарница додека студирала. Теорискиот испит го поминала уште при првиот обид, но пет пати паѓала на практичниот. „Главниот проблем беше што критериумите за испитот беа доста строги“, раскажува таа за ДВ и додава дека „ја разбира потребата од високи стандарди, но не ми изгледаше многу актуелна во однос на тоа како луѓето реално возат.“
Нејзината дозвола на крајот чинела над 5 илјади евра, односно цела нејзина заштеда. Процесот е особено тежок за мигранти како Варша Ијер, кои се соочуваат со јазични бариери и доаѓаат од многу различни сообраќајни системи. „Возењето во Германија очигледно сè уште е привилегија“, вели таа и додава дека „многу малку луѓе имаат неограничени ресурси за да плаќаат за повторно тестирање.“
Не е опција ни полагање во странство
Поради високите трошоци, многу луѓе во Германија размислуваат да го полагаат возачкиот испит во странство, на пример во соседни земји како Полска. Но тоа не е толку едноставно, предупредува портпаролката на АДАЦ, Катарина Лука. „Луѓето често забораваат дека мора да сте живееле во земјата најмалку 185 дена за да добиете дозвола. А, потоа има дополнителни трошоци за патување и сместување“, вели таа за ДВ.
Според Лука, вистинското решение е во реформирање на системот во Германија за да се направат часовите по возење финансиски подостапни. За Флоријан Милер процесот на обука претставува референтна точка. „Гледаме дека на луѓето тука им е потребно значително подолго време за да добијат дозвола“, вели портпаролот на ЦДУ. Според статистиката од Здружението за технички преглед и безбедносни стандарди, речиси еден од двајца кандидати паѓаат на теорискиот испит - највисоко ниво досега. Стапката на паднати на тестот по возење исто така се зголемува, при што повеќе од една третина од кандидатите не го положуваат од прв обид.
Вежбањето ја крева цената
Германските покраински министри за транспорт сега вршат притисок за поедноставување на теорискиот дел од обуката. Сепак Курт Бартелс, претседател на Здружението на инструктори за возење во покраината Северна Рајна-Вестфалија, се сомнева дека тоа ќе ја направи возачката дозвола поевтина. На крајот на краиштата, пријавувањето за теорискиот испит чини само 25 евра.
„Она што навистина ги зголемува трошоците е бројот на часови по возење што им се потребни на луѓето“, посочува тој во интервју за ДВ. „Нашата клиентела се промени. Младите луѓе веќе не гледаат на патот, туку на своите паметни телефони. Тие доаѓаат кај нас и веќе немаат никаква свесност за сообраќајот“, вели Бартелс.
Во последните години и сообраќајната ситуација исто така станува многу посложена. Справувањето со нови учесници во сообраќајот, како што се електроскутерите или напредните системи за помош во возењето, мора да се земат предвид при обуката, а сето тоа чини пари. Покрај тоа, автошколите се соочуваат со растечки кирии и трошоци за возила и недостаток на квалификувани инструктори.
Дали симулатори за возење се решение?
Едно од можните решенија што се предлагаат е инкорпорирање на симулатори за возење во програмите за обука. Основни техники како менување брзини или проверка на мртвите точки би можеле да се учат виртуелно.
Со помалку инструктори на пазарот, симулаторите би можеле да донесат олеснување, смета Милер. Можете да се размисли „кои задачи може да ги извршува само инструктор за возење - и кои потенцијално би можеле да ги преземат машини“, вели тој.
Во земји како Франција, симулаторите се веќе составен дел од наставната програма за возење. Но, во Германија тие сè уште се на листа на чекање. Бартелс останува скептичен. „Ако користите симулатор, тој сепак мора да биде надгледуван од инструктор“, истакнува тој и додава дека „ниту еден симулатор не може да го замени возењето во реалниот живот, особено кога станува збор за автопат или ноќно возење“.
Меѓу амбицијата и реалноста
Неодамнешниот предлог на Флоријан Милер за подостапни дозволи беше отфрлен во Бундестагот. Сепак, притисокот да се преземе нешто расте. Имено, од 2020 година трошоците за автошкола и испити се зголемија за 38%, многу надминувајќи ја инфлацијата. „Можеби нашата обука за возење е скапа, но е исто така и многу темелна“, вели портпаролот на АДАЦ, Лука, и додава дека „во исто време гледаме дека и другите земји со поевтини програми немаат нужно повисока стапка на несреќи“.
На пример, Австрија им дозволува на учениците приватно да вежбаат возење со квалификувано возрасно лице, со што се заштедуваат пари за професионални часови. Во Германија, пак, возачката дозвола останува „привилегија што отвора врата кон други привилегии“, вели Варша Ијер. Ако може да си ја дозволите, имате предност. Ако не, воланот не е на дофат!
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик