АктуелноИнтернационално

Златни наночестички го враќаат мозокот во живот – Новата надеж за пациентите со Паркинсонова болест

Научниците од Националниот центар за нанонаука и технологија на Кина (NCNST) постигнаа значаен напредок во борбата против Паркинсоновата болест, користејќи златни наночестички за да ги обноват оштетените допамински неврони кај глувци. Оваа иновативна терапија, објавена во списанието Science Advances, покажува потенцијал да го промени начинот на лекување на оваа невродегенеративна болест.

Тимот развил наночестички со златна обвивка, со големина од околу 160 нанометри, обложени со антитела и пептиди. Овие наночестички се дизајнирани да се врзат за специфични невронски рецептори и да ги таргетираат штетните алфа-синуклеински фибрили, кои се клучен фактор во развојот на Паркинсоновата болест.

По инјектирањето во мозокот, наночестичките се активираат со помош на блиску-инфрацрвена светлина, која се апсорбира преку черепот. Оваа светлина се претвора во топлина, што предизвикува клеточни промени кои промовираат поправка и ослободување на пептиди што помагаат во разградување и отстранување на алфа-синуклеинските фибрили. Овој процес резултира со обновување на допаминските неврони и подобрување на моторните функции кај глувците.

Традиционалните третмани за Паркинсонова болест често се фокусираат на зголемување на нивото на допамин преку лекови, што може да доведе до несакани ефекти како тремор. Новата наночестична терапија, наместо тоа, ги “разбудува” оштетените неврони, поттикнувајќи ги да произведуваат допамин природно, без потреба од дополнителни лекови.

Иако резултатите се добиени од студии на глувци, тие се охрабрувачки. Во паралелни истражувања, експерименталниот лек CNM-Au8, кој содржи златни нанокристали, покажа потенцијал за подобрување на енергетскиот метаболизам во мозокот кај пациенти со Паркинсонова болест и мултиплекс склероза. Во фаза 2 клинички испитувања, пациентите кои го примале CNM-Au8 имале значително подобрување во нивниот NAD+/NADH сооднос, што е индикатор за подобрена клеточна енергетска активност.

Иако се потребни дополнителни истражувања и клинички испитувања за да се потврди безбедноста и ефикасноста кај луѓето, овие откритија претставуваат значаен чекор напред во третманот на Паркинсоновата болест. Наночестичките, особено оние базирани на злато, покажуваат потенцијал не само да ги ублажат симптомите, туку и да ја обноват функцијата на оштетените неврони, нудејќи нова надеж за милиони пациенти ширум светот.

Z P

Zvezdanka Pesikj