Македонија
Мухамед Елмази до Арсовска: Ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти, ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава

Мухамед Елмази од „Влен“ на прес-конференција денеска, упати неколку прашања до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Денес сме тука да поставуваме неколку прашања за госпоѓата Арсовска. Госпоѓа Арсовска дали знаете кој е сопственик на оваа зграда? Дали објектот е де факто на вашите коалициони партнери во Градот и во бизнисот?
На какво земјиште е изграден, на државно или приватно?
На чие земјиште е изграден – државно, општинско или приватно? Дали имало располагање со државно земјиште без валидна јавна постапка?
Кој е вистински сопственик на оваа зграда?
Дали во документацијата се води на друго име за да се сокрие вистинскиот сопственик?
Ако да, зошто инспекциските служби не отвориле постапка за лажно пријавување? Дали овој објект го има во урбанистичките планови?
Дали деталниот урбанистички план (ДУП) воопшто предвидува ваков објект на оваа парцела? Ако не, кој и кога дал согласност за отстапување од планот? Дали вие сте учесник во тоа?
Дали е спроведен инспекциски надзор од Општина Сарај? Дали Градежниот инспекторат има издадено решение за уривање или забрана? Ако не – зошто бројните пријави од локалното население останале без одговор“, праша Мухамед Елмази на денешната прес-конференција.
„Г-ѓо Арсовска, пред да продолжите да зборувате за „дивоградби“ и „заштита на јавниот интерес“, одговорете: ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти? Ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава затоа што станува збор за ваш пријател и коалициски партнер? Попатно, прашајте го и Димитар Апасиев?
ВЛЕН ќе инсистира на: Итно постапување на сите градежни инспекциски служби; Итно постапување на финансиската полиција за откривање на скриениот имот за политичарите од ДУИ; Отпочнување кривична постапка за злоупотреба на службена должност и урбанистички криминал против Арсовска; Јавна објава на сите локации во Скопје каде фирми или лица поврзани со кланот на ДУИ градат или поседуваат диви објекти.
Доколку градоначалничката и надлежните служби продолжат да молчат, ќе ги искористиме сите правни и демократски механизми за да го заштитиме интересот на граѓаните. Ќе го спречиме ширењето на бизнис империјата на кланот на ДУИ, во која припаѓа веќе и Арсовска“, изјави Мухамед Елмази.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Многу топло време: температури над 40 степени, УВ индексот ќе биде 9

Денеска и во петок ќе се задржи многу топло време. Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа се очекува да надмине и 40°C. Вредноста на UV индексот ќе
биде 9, информира УХРМ.
Во петок попладне и во вечерните часови наместа ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на
град.
Во деновите од викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневните температури ќе опаднат за 5-7 степени во споредба со денешните.
Македонија
Кочоска: Владата успеа за три последователни квартали да обезбеди стапка на раст од 3 проценти

Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, беше дел од панелистите на трибината која што се одржа во општина Прилеп, на тема ,,Економски раст и дигитална трансформација“. Таа истакна дека по преземањето на Министерството за финансии бил затекнат катастрофален буџетски дефицит и необезбедени средства за основни обврски, но со ребаланс и одговорни политики успеале да стабилизираат финансии и да обезбедат економски раст. Таа нагласи дека е постигнат значителен раст на капиталните расходи, бруто-инвестициите и градежништвото, зголемени се платите во образованието и здравството, а бројот на вработени е значително зголемен.
,,Во периодот кога го преземавме или влеговме во министерството за финансии состојбата беше катастрофална, буџетскиот дефицит беше веќе 70% потрошен, или парите беа повеќе од 70% реализирани заклучно со 23 јуни, а во однос нели на целата година. Она што беше исто така вознемирувачко во тој момент беше состојбата на девизната сметка која што беше едвај 47 милиони евра притоа однапред знаејќи од претходната влада дека следи период а тоа е месец јули кога требаше да се сервисира една обврска за јавното претпријатие за државни патишта отприлика во тој износ што значи дека ќе останевме речиси и без средства на девизната смeтка“, рече Кочоска.
Кочоска истакна дека со навремен ребаланс и одговорен пристап, успеале да ги покријат сите необезбедени средства и да поттикнат економски раст. Таа потенцираше дека голем дел од законските обврски на претходната влада не беа обезбедени.
,,Успеавме преку прераспределби и делумно зголемување на буџетскиот дефицит да обезбедиме 4,1 милијарда денари за плати согласно колективни договори кои што требаше а не ги обезбедија, притоа и во време на избори се потпишуваа колективни договори без притоа да се има обезбедено средства за истото. 5.5 милијарди денари за пензии иако во тој период. Многу често коментираа дека имало доволно средства за пензиите заради нашата променета методологија биле потребно дополнително средства. Не беше точно“, вели Кочоска.
Кочоска истакна дека претходната влада немала предвидено доволно средства дури ни според својата методологија, недостигале 800 милиони денари за загарантираната минимална помош, милијарда и 700 милиони денари за здравството, 1 милијарда за ТИРЗ, 437 милиони за студентски оброк и 207 милиони за студентски стипендии. Таа додаде дека не биле обезбедени ниту 300 милиони денари за блок-дотации, ниту 330 милиони за изборни активности, а биле потребни околу 5 милијарди денари за гаранции и покривање на обврски на јавните претпријатија, кои се наоѓале во сериозна финансиска криза поради неодговорно управување.
,,Во еден многу краток временски период, Владата предводена од претседателот Христијан Мицкоски навистина успеа за три последователни квартали да обезбеди стапка на раст од 3% и тоа повеќе се должи на она што ние го најавувавме во континуитет, а тоа е дека ќе имаме посебно внимание посветено на инвестициите и бруто инвестициите забележаа раст од 18% односно тоа е ефектот од онаа наша мерка пред се 250 милиони евра кои што ги насочивме кон приватниот сектор преку развојната банка, коишто до овој момент се искористени половина од нив 125 милиони евра и во исто време раздвижување во делот на капиталните инвестиции“, кажа Кочоска.
Македонија
Со низа македонски изведувачи и една од најпопуларните светски музички ѕвезди Кисела Вода слави роденден

Од утре, со низа македонски изведувачи и една од најпопуларните светски музички ѕвезди, легендата на хаус сцената и добитник на Греми награда Роџер Санчез, започнува Културното лето и одбележувањето на јубилејниот 70 роденден на нашата општина Кисела Вода.
-Се работи за низа културно-забавни случувања кои започнуваат од утре, четврток и финишираат на 29 јуни. Културното лето ќе се одвива во четири вечери, на 26, 27, 28 и 29 јуни, на две локации – во Расадник (платото пред салата ,,Расадник”) и кај Крстот во Драчево.
Утревечер, од 20:30 часот Диџеј сет ќе имаат DJ Mats, DJ Ampov и DJ Dean Mickoski, а по нив, настапува мега популарниот светски артист и продуцент – ROGER SANCHEZ!
Следејќи го концептот за шареноликост на музичките стилови и константност во однос на квалитетот на понудата, Културното лето на Општина Кисела Вода, утредента, на 27.06. со почеток од 20:30 часот продолжува кај Крстот во Драчево, каде ќе настапат КУД Китка, Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска и КАРОЛИНА ГОЧЕВА.
Во сабота, 28.06., исто од 20:30 часот во Расадник, ќе ве забавуваат Next Time, 2Bona и Слаткаристика.
Во недела, денот ќе започне од парк ,,Македонија” во 10:30 часот, со богата детска програма во која се вклучени аниматори, забавувачи, децата од сите детски градинки, а во игрите без граници ќе можат да се приклучат и децата кои ќе одлучат да дојдат на настанот како публика. Ќе има и многу музика за сите присутни.
Вечерта во Расадник, од 20:30 часот стартува финалната вечер.
За одличната забава ќе се погрижи Теа и 2Exit, а со стенд-ап ќе ве насмејат Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски.
Водители на настаните ќе бидат Сашко Коцев, Драгана Левенска, Миро Кацаров и Верица Донев“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.