
Осум лица се повредени во неделата кога 45-годишен маж извикувал „Слободна Палестина“ и фрлил запаливи направи, таканаречени „Молотови коктели“ во толпата во Боулдер, во американската сојузна држава Колорадо, каде што се одржуваше настан на кој се бараше ослободување на преостанатите израелски заложници во Газа, соопштија властите.
Напаѓачот беше веднаш приведен.
Четири жени и четири мажи, на возраст од 52 до 88 години, беа однесени во болници, соопшти полицијата во Боулдер. Властите претходно го објавија бројот на повредени на шест и рекоа дека најмалку едно лице е во критична состојба.
„Врз основа на првичните факти, јасно е дека ова е целен чин на насилство и Федералнот биро за истраги (FBI) го истражува ова како чин на тероризам“, изјави Марк Михалек, специјален агент на Бирото задолжен за теренската канцеларија во Денвер.
Михалек го именуваше осомничениот како Мохамед Солиман, кој беше хоспитализиран кратко време по нападот. Агенцијата Reuters наведува дека не можела веднаш да дознае информации за контакт со него или со неговото семејство.
Шефот на FBI, Каш Пател, го опиша нападот како „целен терористички напад“, а главниот обвинител на Колорадо, Фил Вајзер, рече дека се чини дека станува збор за „злосторство од омраза во однос на групата што беше цел“. Шефот на полицијата во Боулдер, Стивен Редфир, рече дека не верува дека некој друг бил вмешан.
„Прилично сме уверени дека го имаме единствениот осомничен во притвор“, рече тој.
Нападот се случи во трговскиот центар „Перл Стрит“, популарен пешачки центар со продавници во сенката на Универзитетот во Колорадо, за време на настанот „Трчај за нивните животи“, посветен на привлекување на вниманието кон заложниците земени по нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година.
Организацијата соопшти дека поворките за заложниците се одржуваат седмично, „без никакви насилни инциденти досега“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, изјави на X дека е шокиран од „ужасниот антисемитски терористички напад“, опишувајќи го како „чист антисемитизам“.
Нападот се случи во услови на зголемени тензии во Соединетите држави околу војната на Израел во Газа, што предизвика пораст на антисемитските злосторства од омраза, како и потезите на конзервативните поддржувачи на Израел, предводени од претседателот Доналд Трамп, кои го етикетираат пропалестинските протести како антисемитски.
Администрацијата на Трамп го намали финансирањето на елитните американски, во прв ред затоа што ги обвинува дека шират ултрарадикални левичарски идеи и поради тоа што дозволика демонстрации против израелската војна во Газа.
Заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, објави на X дека Солиман го пречекорил рокот на неговата виза и му било дозволено да работи од претходната администрација на демокртите предводени од Џо Бајден. Тој рече дека тоа е уште еден доказ за потребата од „целосен пресврт“ во она што го опиша како „самоубиствена миграција“.
Reuters, кој е критички определен кон администрацијата на републиканецот Трамп, пишува дека не бил во можност независно да го потврди имиграцискиот статус на осомничениот. Министерството за внатрешна безбедност одговори на барањето за повеќе информации за Солиман, велејќи дека повеќе информации ќе бидат доставени штом ќе станат достапни.
Жртви од изгореници
Брук Кофман, 19-годишна студентка на Универзитетот во Колорадо, која го видела инцидентот во Боулдер, изјавила дека видела четири жени како лежат или седат на земја со изгореници на нозете. Една од нив изгледала дека имала тешки изгореници на поголемиот дел од телото и била завиткана во знаме, рече таа.
Таа опишала дека видела маж за кој претпоставила дека е напаѓачот, како стои во дворот без маица, држи стаклено шише со бистра течност и вика.
„Сите викаа: ‘Донесете вода, донесе вода“, изјави Кофман.
Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, истакнат еврејски демократ, рече дека нападот бил антисемитски.
„Ова е ужасно и не смее да продолжи. Мора да се спротивставиме на антисемитизмот“, рече Шумер на X.
Нападот следеше по апсењето во мај на маж роден во Чикаго кој застрела и уби млада двојка вработени во израелската амбасада во Вашингтон. Пукањето поттикна поларизација во САД околу војната во Газа меѓу произраелските и пропалестинските демонстранти.
Гувернерот на Колорадо, Џаред Полис, изјави на социјалните мрежи дека е „незамисливо еврејската заедница да се соочи со уште еден терористички напад тука во Боулдер“.