Македонија
Ставревска Панајотова: Националниот парк Шар Планина е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа

Шар Планина, има огромно значење за еколошката рамнотежа, не само во Македонија, туку и на ниво на целиот Балкански Полуостров
Шар Планина е еколошкото срце на Македонија и со одговорно однесување сите можеме да придонесеме за нејзино зачувување за идните генерации, вели Aнела Ставревска Панајотова, раководителка на одделението за заштита на природа во ЈУ Национален Парк Шар Планина.
„Создавањето на Националниот парк Шар Планина беше пречекано со мешани реакции од локалното население, што е сосема очекувано кога станува збор за воведување на нешто ново. Од една страна, многу жители ја поддржуваа идејата за заштита на природата, бидејќи препознаа дека паркот носи можности за развој на еко-туризам, нови работни места, поддршка за традиционалното сточарство и подобра инфраструктура. За нив, националниот парк е шанса за промоција на регионот и зачувување на животната средина за идните генерации. Од друга страна, дел од населението имаше загриженост, особено во врска со ограничувањата за користење на шумите, пасиштата и водите, кои со години наназад им служеле за преживување и традиционална економија. Во последните години, соработката се подобрува. Локалните жители сѐ повеќе се вклучуваат во заштитата на планината затоа што практично нема големи промени во користењето на земјиштето и природните ресурси освен што се намалени недозволените активности. Тие се клучен партнер во мониторингот на природата, во спречување на криволовот и нелегалната сеча, како и во промоцијата на културното наследство. Националниот парк треба да е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа, а сите оние кои ги гледаат ресурсите и Шар Планина со економски фокус наместо низ призмата на одржливост, треба за секогаш да останат незадоволни“ вели таа.
Шар Планина, додава таа, има огромно значење за еколошката рамнотежа, не само во Македонија, туку и на ниво на целиот Балкански Полуостров.
„Шар Планина е главен водоснабдувачки регион – тука извираат многу реки како Радика, Вардар (преку Треска), Пена и други. Овие води се клучни за пиење, земјоделство, индустрија и одржување на екосистемите во пошироката област. Всушност, и изворот Рашче кој е од витално значење за снабдување на вода за пиење на Скопје се храни од шарските води. Од аспект на биодиверзитетот, има големо значење за Европа. Со над 2000 видови растенија и многу ретки животни, планината е една од најбогатите биолошки зони во Европа. Таа служи како засолниште за загрозени видови, особено за балканскиот рис, златниот орел, дивокозата, но и многу ендемични растенија кои не постојат на друго место“ објаснува Ставреска Панајотова.
Пивара Скопје преку платформата „Наша гордост, наша одговорност“ потпиша Меморандум за соработка со ЈП Национален парк „Шар Планина“ за заеднички активности, кои ќе придонесат за заштита и унапредување на ова непроценливо природно богатство.
Една од овие активности беше еко-акцијата за чистење на излетничкото место Лисец на Шар Планина, која се одржа на 7 мај. Во акцијата учествуваа 23 волонтери, кои заедно со вработените од Националниот парк и партнерите од „Саубермахер“, собраа цели 1.300 килограми отпад – резултат, кој не само што говори за посветеноста на учесниците, туку и за важноста од заедничка акција за заштита на нашите планини.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се закануваат оние што правеа упад и тепаа, вели Мицкоски по најавите за штрајк на контролорите на летање поради партиски вработувања

Партиските вработувања и трупањето несуштински кадри во услови кога нема доволно контролори на летање, според премиерот Христијан Мицкоски, не е вистинската причина за најавите на контролорите за штрајк на 10 јуни и затворање на небото доколку не престане непочитувањето на систематизација. Одговарајќи на новинарски прашања на повторното отворање на комплексот „Македонско село“ на Водно, премиерот Мицкоски најавите ги нарече закани од кои не се плаши.
„Не мислам дека е тоа причината. Се закануваат оние што правеа упад и кои тепаа. Е сега немаат внимание и не се толку силни да тепаат и тоа е. Ние од такви не се плашиме“, рече премиерот Мицкоски.
Струковиот синдикат на контролорите на летање со писмо до управниот одбор на М-НАВ побара да се поништи последниот оглас за вработување советници на директорите и друг помошен кадар оти реално неопходно е вработување контролори. Од таму повторно алармираа за нарушени човечки односи, блокирани јавни набавки, непочитување на колективниот договор и непочитување на спогодбата со која минатогодишниот штрајк беше ставен во мирување.
Состојбата во М-НАВ ескалира лани на почетокот на годината кога група од осуммина предводени од Беким Незири, тогаш советник во М-НАВ и функционер во ДУИ, упаднаа во контролната кула и натепаа контролор кратко по прес-конференцијата, на која Синдикатот обвини за партиски вработувања и злоупотреби. Обвинителството отвори постапка за кривично дело загрозување на воздушниот сообраќај, а некои од осомничените беа во притвор или куќен притвор додека траеше истрагата.
Македонија
Ѓорѓиевски: По 30 години, Пеленица конечно добива современ пристапен пат

Интензивно се работи на реконструкцијата на патот кој води кон Пеленица – една од фреквентните, но со децении запоставувани патни делници во овој дел на Скопје. По речиси три децении чекање, овој потег конечно ќе добие безбеден, функционален и достоен сообраќаен пристап за жителите на Кисела Вода, Драчево и околните населени места, информира градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Изградбата се одвива на потегот од „Јустинијан Први“ до границата со Општина Студеничани, на делница долга 3.370 метри. Патот се проширува на ширина од околу 6 метри, а за првпат се воведува и тротоар од едната страна, што досега никогаш не постоел на оваа рута.
Покрај асфалтирањето, се поставуваат цевки за третирање на атмосферските води, како и каналетки за нивно безбедно одведување, со што, според Ѓорѓиевски, се решава еден од клучните проблеми – поплавувањето на патот при врнежи.
Македонија
(Видео) СДСМ: Дали парите за рекет од „Пулс“ завршувале кај ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски?

СДСМ на прес-конференција побара од ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали парите за рекет од дискотеката „Пулс“ завршувале кај владејачката партија и нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски.
„Поминаа 24 часа од објавата на скандалот кој ја тресе јавноста, а од ВМРО-ДПМНЕ – молк. Ниту збор, ниту објаснување, ниту демант. Зошто молчите, господине Мицкоски?“, праша Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Опозициската партија вчера сподели информации дека фирмата „Салтировски Консалтинг“, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип е долгогодишен донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Истата таа фирма, според нивните сознанија, можеби водела фиктивно сметководство за фирмите поврзани со дискотеката „Пулс“. Постои сериозен сомнеж, велат од СДСМ, дека преку неа биле исплаќани паушали за полициска заштита на локалите кои биле оставени без контрола, меѓу кои и „Пулс“ – каде животот го загубија 62 деца.