Обвинителството и МВР ќе информираат за проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се очекува денеска на прес-конференција да изнесат повеќе детали во врска со проширената истрага за пожарот во дискотеката во Кочани, за конкретните мерки што се предлагаат и за својството на секој осомничен во предметот за пожарот во Кочани.

Наредба за проширување на истрагата за пожарот во кочанската  дискотека „Пулс“ со нови 19 лица донесе Основното јавно обвинителство Кочани. Сите се осомничени за „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, соопшти синоќа Државното обвинителство. МВР информираше дека во координација со кочанското Обвинителство, против  19-те лица е поднесена кривична пријава. 

ЈОРСМ соопшти дека станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година „заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“.