
Актуелниот градоначалник на романската престолнина Букурешт, центристот Никушор Дан го презема водството во вториот круг од претседателските избори со 50,57 отсто од гласовите, соопшти романската изборна комисија по обработката на 53,12 отсто од изборниот материјал, при одѕив од 64 отсто од гласачите.
Во заостанување со 49,43 отсто од гласовите е лидерот на крајната десната партија Алијанса за обединување на Романците (AUR), Георге Симион.
Според изборниот закон, победник е кандидатот кој ќе освои над половина од излезените избирачи.
Меѓутоа, Симеон истовремено веќе објави дека е победник на изборите, тврдејќи дека според процените на неговиот изборен штаб тој има повеќе од 400.000 гласови од ривалот Дан.
Претходно излезните анкети, со кои не се опфатени речиси милион романски гласачи во странство, покажаа дека Ден освоил 55 отсто од гласовите, откако повел во последен момент по неколкуте седмици заостанување зад десничарот Симион кој победи во првиот круг со двојна разлика – 41 наспроти 21 отсто.
Симион водеше кампања под слоганот „Романија на прво место“, застапувајќи конзервативни политики, евроскептицизам и блискост со американското движење MAGA (Америка на прво место) на претседателот Доналд Трамп, и се залагаше за преиспитување на улогата на Романија во НАТО и ЕУ воената поддршка на Украина за сметка на осиромашените романски граѓани.
Дан, пак, водеше кампања со ветување за борба против широко распространетата корупција и се залагаше Романија цврсто да се задржи во рамките на европскиот мејнстрим.