Банки
Стабилен раст на депозитите и кредитите во април 2025 година

Според најновите податоци, во април 2025 година, паричната маса оствари месечно зголемување од 0,7%, пред сè поради растот на депозитните пари, при забележан раст и на долгорочните депозити до две години и на готовите пари во оптек, во услови на пад на краткорочните депозити. Анализирано на годишно ниво, паричната маса бележи раст од 10,0%, поради зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, краткорочните депозити и готовите пари во оптек.
Вкупните депозити, во април, се зголемени за 0,4% на месечна основа, во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, додека депозитите на корпоративниот сектор забележаа намалување. Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,6%, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
Во април 2025 година, вкупните кредити, бележат раст од 0,8% и 11,8%, на месечна и на годишна основа, соодветно. Промената кај двете основи е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Депозити и кредити на корпоративниот сектор
Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор забележаа надолна месечна промена од 2,5%. Промената во целост произлегува од намалувањето на краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во денари, депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута забележаа зголемување. Споредено на годишна основа, растот изнесува 12,0% и во поголем дел е резултат на повисоките краткорочни депозити во денари и депозитните пари, при позитивен придонес и на останатите компоненти.
Во април, кредитите на корпоративниот сектор5 бележат месечен раст од 1,0%, при годишно зголемување од 14,1%. Промената кај двете основи во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута забележаа пад.

Депозити и кредити на домаќинствата
Вкупните депозити на домаќинствата, во април, остварија месечно зголемување од 2,0%, во најголем дел поради растот на депозитните пари, при дополнителен раст и на долгорочните и краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута. Годишниот раст од 12,1% се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и во странска валута и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат намалување.
Во април, кредитите на домаќинствата забележаа месечен и годишен раст од 0,6% и 9,8%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена произлегува од зголемувањето на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во април, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, бележат месечно зголемување од 0,9% и 1,1%, соодветно, при годишен раст од 9,1% и 14,0%, соодветно. Во април, автомобилските кредити забележаа раст на месечна и на годишна основа за 0,4% и 2,3%, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен раст од 0,3%, при годишен пад од 7,9%.
Негативните салда на тековните сметки, во април, забележаа месечно намалување од 9,3%, во услови на годишен раст од 0,1%. Во април, кредитите одобрени врз други основи бележат месечен и годишен пад од 2,3% и 9,0%, соодветно.
Банки
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор

Стопанска банка АД – Скопје ја информира јавноста за назначувањето на г-ѓа Мирјана Трајановска за Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор на Банката.
Именувањето е согласно Одлуката на Надзорниот одбор бр. 18/2025 од 24.03.2025 година и врз основа на добиената согласност од Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија, со Решение бр. 15-13009/5 од 19.06.2025 година.
“Г-ѓа Трајановска е докажан професионалец со 35-годишно искуство во Банката, со богато институционално знаење и длабоко разбирање на финансиските процеси и стратегии. Низ годините, таа беше движечка сила зад бројни клучни проекти кои имаа значително влијание врз развојот на Банката и пошироко на банкарскиот сектор во земјата.
Нејзината експертиза, визија и неуморен ангажман се препознаени како основа за натамошно унапредување на финансиското лидерство во Стопанска банка.” – велат од банката.
Со ова назначување, Банката ја потврдува својата определба за препознавање и промоција на внатрешни таленти, обезбедувајќи континуитет и стабилност во работењето, како и долгорочна ориентација кон развој и одржлив раст.
Банки
НЛБ Банка изврши исплата на дивиденда во висина од над 2,2 милијарди денари

НЛБ Банка АД Скопје денес, на 25 јуни 2025 година, ја реализираше исплатата на дивиденда на своите акционери, согласно Одлуката донесена на Собранието на акционери одржано на 29 мај 2025 година.
Вкупниот износ на исплатена дивиденда изнесува 2.217.142.356 денари, при што бруто износот по акција достигнува 2.596 денари.
Исплатата беше извршена за сите акционери кои поседуваат сметки во НЛБ Банка АД Скопје, како и за оние кои доставија уредни инструкции за исплата во предвидениот рок.
Оваа исплата претставува потврда за стабилното работење на НЛБ Банка и нејзината посветеност на создавање вредност за акционерите. Банката останува фокусирана на одржливо растење и понатамошно зајакнување на пазарната позиција, истовремено наградувајќи ја довербата на своите акционери.
Банки
Гувернерот Славески со конкретни предлози за намалување на надоместоците за платежни услуги

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на денешната средба со претставниците на банките, штедилниците и останатите членки во Македонската банкарска асоцијација ги претстави предлозите за намалување на провизиите коишто ги плаќаат граѓаните и компаниите при користење на платежните услуги. Целта на иницијативата е провизиите да се постават на ниво кое ќе биде одржливо за банките, но истовремено да бидат фер и прифатливи за корисниците. Народната банка е подготвена да го направи првиот чекор во оваа насока.
„Денес доаѓаме со понуда до банките, Народната банка да го направи првиот чекор со намалување на надоместоците што ги плаќаат банките за користење на услугите во МИПС, како што се надоместоците поврзани со долговниот промет. Очекуваме и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво“, истакна гувернерот Славески.
На состанокот со банкарите, гувернерот Славески потенцира дека следејќи го примерот на земјите од Европската Унија, коишто значително ја изменија регулаторната рамка за начинот на кој се извршуваат платежните услуги, нашата земја направи значителен напредок во осовременувањето и усогласувањето со европското законодавство и практики, што придонесе да станеме членка на Единствената област за плаќања во евра СЕПА. Тој нагласи дека со новата правна рамка, во нашата држава е создадена средина во којашто платежните услуги се третираат како услуги од јавен интерес. Тоа значи дека секој граѓанин, без разлика на својата социјална положба, место на живеење или степен на дигитална писменост, треба да има пристап до сигурни, квалитетни и достапни платежни услуги. Ваквиот пристап подразбира и поставување на надоместоците на разумно ниво за сите корисници.
„Споредувајќи ги надоместоците за платежните услуги на банките со надоместоците на матичните банки од ЕУ, согледуваме неколку видови платежни услуги за кои надоместоците треба да се намалат и поедностават, а некои и да се укинат:
– Надоместоците за одржување на платежната сметка за компаниите претставуваат голем трошок, особено за малите и средните компании во земјата, поради што треба да се намалат;
– Надоместоците за користење на електронското и мобилното банкарство, во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежната сметка, претставуваат дополнителен трошок, кој треба да се укине;
– Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат, имајќи предвид дека за нивното извршување не е потребно користење на платните системи кои создаваат трошоци за банките;
– Надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС треба значително да се намалат;
– Надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство, кои кај некои банки се и во вид на % од износот, треба да се намалат и поедностават како фиксен трошок по трансакција;
– Надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците коишто банките ги наплатуваат од трговците треба да се намалат, имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ“.
Ова се конкретните примери коишто гувернерот Славески ги претстави пред банкарската заедница, при што упати повик да се охрабрат и заеднички да продолжат со иновативен и проактивен пристап. Притоа, ја истакна важноста корисниците на платежни услуги да се стават во фокусот при воведувањето на услугите, преку понуда на разумни, фер и одржливи надоместоци.
Гувернерот нагласи дека поставувањето разумни надоместоци за користењето на платежните услуги ќе има директно влијание врз зголемувањето на финансиската вклученост на населението, дополнително ќе придонесе за намалување на сивата економија и ќе обезбеди поддршка за оддржлив економски раст.
Состанокот помина во конструктивна атмосфера, при што од МБА изразија подготвеност за понатамошна соработка во насока на предлозите на гувернерот за намалување на провизиите при користењето на платежните услуги.
На следната врска е обраќањето на Гувернерот на состанокот во МБА: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-obrakane-na-guvernerot-na-sostanok-vo-mba-25-juni-2025-skopje.nspx
- Банкипред 2 месеци
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Банкипред 2 месеци
ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 20,1%!
- Банкипред 2 месеци
Централна кооперативна банка АД Скопје: Известување за исплата на пензиите за април 2025 година
- Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје во првиот квартал од 2025 година оствари добивка од 13,5 милиони евра!
- Анализипред 2 месеци
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?
- Берзапред 2 месеци
Заеднички настан на Македонска берза и EBRD „Финансирајте се пазарно!“
- Банкипред 2 месеци
ММФ оценува дека Народната банка успешно се справува со шоковите и ја води политиката претпазливо и професионално
- Банкипред 2 месеци
Халкбанк АД Скопје со нова експозитура во Diamond Mall – банкарските услуги поблиску до клиентите