Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска објави дека на своја иницијатива веќе започнал разговори со секретарот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) за поддршка во Европскиот парламент во пресрет на најавената резолуција за македонскиот јазик. Како што рече, веќе се координира со генералниот секретар на ПЕС, Џакомо Филибек, а контактите со европратениците од редовите на социјалистите и демократите ќе продолжат и во следните денови.
„Веќе вчера зборував со секретарот на ПЕС, господинот Џакомо Филибек, и денес ги продолжуваме разговорите за да видиме кои конкретни чекори треба да се направат. Ќе разговараме со европратеници од нашето политичко семејство“, изјави Филипче.
Во изјавата тој го постави прашањето што е крајната цел на власта и дали нејзиното евентуално усвојување ќе биде доволна гаранција за откочување на европскиот пат на државата.
„ Што е целта на оваа декларација и дали конечно доколку биде е прифатена тоа ќе биде нешто што за премиерот ќе биде доволна форма на гаранција за да се започне процесот на уставните измени? Поради тоа што се има впечаток дека владата секогаш има некакви принципи и црвени линии, меѓутоа, ако тие не важат, имаат и други. На почетокот беше одолженото дејство на уставните измени, понатамубеа пресудите во Стразбур, еве сега – декларација во Европскиот парламент. Значи, клучното прашање е што е тоа што е доволно?праша Филипче.
Тој потсети дека токму владите предводени од СДСМ донесоа храбри и државнички одлуки со кои македонскиот јазик и идентитет се веќе официјално прифатени и заштитени во рамки на Европската Унија.
„Факт е дека македонскиот јазик е официјално прифатен во ЕУ – без ѕвездички и без фусноти. Потпишан е и првиот официјален договор на чист македонски јазик – Договорот за Фронтекс. Сега кога треба заеднички да го откочиме процесот, ние ќе бидеме конструктивни“, додаде Филипче.