Владата наследила катастрофална состојба во енергетскиот систем од претходните раководства, вели миннистерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за МРТВ појаснувајќи дека се работи за „седум години негрижа за енергетските капацитети“ поради што, како што рече изминатата година работеле на консолидација на енергетскиот систем.
– Менаџментот се потруди многу за да ги направи ремонтите за да имаме стабилно снабдување со електрична енергија. Сега приоритетите ни се да го зголемиме производството и секако да го намалиме увозот, а понатаму бидејќи сме земја на сонцето имаме многу сончеви денови сакаме да станеме извозник и на електрична енергија – изјави Божиновска.
Таа вели дека во новиот закон за енергетика за првпат се воведува енергетска сиромаштија, ќе има граѓански заедници, за првпат се воведуваат батериите односно системи за складирање на електрична енергија, воведуваме и е-мобилност,
Министерката се осврна и на проектот за Чебрен за кој вели дека е најдобро да биде во македонска сопственост. Според неа, анализите на експертите покажале дека ваков проект ќе чини најмалку 1 милијарда евра, во кој се предвидува изградба на брана од 190 метри и е еден комплексен проект кој би се градел 7-8 години. Божиновска потсети дека во изминатите декади се спроведени 14 неуспешни тендери за изградба на Чебрен.
Формиравме работна група во Министерството, кој работеше неколку месеци и изработи предлог. Тој предлог кажува дека овие капацитети е најубаво да се наши, македонски, ние да го имаме овој потенцијал бидејќи тој е над 300 MW електрична енергија. Тоа ќе биде проект не само за производство за електрична енергија, туку ќе се користи и за наводнување и за туризам, што значи еден сериозен проект, – рече Божиновска.
Во изминатиот период во повеќе наврати од Владата изјавија дека ги истражуваат можните начини за финансирање на овој капитален проект, а од минатата недела истиот е дел и од листата на проекти кои би се финансирале преку договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.