Свет
Повторно црн чад над Ватикан, не е избран нов папа

Најголемата конклава во историјата на Католичката црква продолжува денеска за избор на нов папа. Црн чад е забележан над Ватикан, што значи дека не е избран нов лидер. Денеска може да се одржат четири круга на гласање бидејќи синоќа, очекувано, по првиот круг гласање, не беше избран новиот папа.
Сега за кардиналите следува ручек во Куќата на Санта Марта, а во 15.45 часот во апостолската палата.
Гласањето продолжува во Сикстинската капела од 17.30 до 19.30 часот.
Црковниот историчар Ребека Рист во интервју за Би-би-си изјави дека очекува одлука за новиот папа до сабота.
„Мислам дека Црквата токму сега сфаќа дека треба да ги зближи луѓето, дека не сакаат таа да изгледа поделено“, рече професорот по средновековна историја на Универзитетот во Ридинг.
За изборот на папа е потребно двотретинско мнозинство или 89 гласа. Кога ќе се појави бел чад од оџакот, тоа е сигнал дека е избран нов црковен поглавар.
Во тајното гласање учествуваат рекордни 133 кардинали од 70 земји наспроти 115 од 48 земји на последната конклава одржана во 2013 година.
Овој раст е одраз на напорите на починатиот папа Франциско да го прошири досегот на Црквата за време на својот 12-годишен понтификат.
Нема јасни фаворити за новиот папа иако италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле се сметаат за фаворити.
Паролин служеше како државен секретар, втора највисока позиција во Ватикан, за речиси целиот понтификат на папата Франциско.
Неговата улога и умерените ставови за многу општествени прашања укажуваат дека, доколку биде избран за папа, тој ќе ја продолжи политиката на својот претходник. Во исто време, изворите тврдат дека тој би можел да помири разни фракции во Црквата.
Фаворитот за новиот папа од Азија, филипинскиот кардинал Луис Антонио Тагле, е харизматичен и умерен, кој често го нарекуваат Франциско од Азија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев му одговори на Трамп: Знам само едно лошо нешто, а тоа е трета светска војна

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, се огласи по острите пораки на американскиот претседател, Доналд Трамп, за Русија и претседателот Владимир Путин.
„Што се однесува до зборовите на Трамп за тоа како Путин си игра со оган и како навистина лоши работи ѝ се случуваат на Русија, знам само едно навистина лошо нешто – тоа е трета светска војна. Се надевам дека Трамп го разбира ова!“, напиша Медведев на Телеграм.
„Она што рускиот претседател Владимир Путин не го разбира е дека, да не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија; мислам, навистина лоши. Тој си игра со оган“, напиша Трамп на мрежата Truth Social.
Свет
Трамп: Одлуката за воведување царини од 50 отсто за ЕУ даде успех

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговата одлука да воведе царина од 50 проценти врз Европската Унија била успех, тврдејќи дека тоа го поттикнало блокот да ги забрза преговорите, објави „Политико“.
„Исклучително сум задоволен од одредбата за царина од 50% за Европската Унија, особено затоа што тие ги одложуваат (благо речено!) нашите преговори со нив“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
„Информиран сум дека ЕУ повика брзо да се закажат датуми за состаноци. Ова е позитивен развој на настаните и се надевам дека, конечно, како што ја замолив Кина да го стори тоа, ќе ги отвори европските земји за трговија со Соединетите Американски Држави. „И двете (држави) ќе бидат многу среќни и успешни, ако го сторат тоа!!!“, додаде тој.
Изјавата доаѓа по релативното смирување на односите меѓу Брисел и Вашингтон, откако разговорот меѓу Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата доведе до одложување на воведувањето царина од 50 проценти за сите европски стоки од 1 јуни до 9 јули.
Разговорот означи позитивен пресврт во преговорите меѓу двете страни, по месеци растечко европско незадоволство од неуспехот на Вашингтон да ги прифати предлозите на блокот и наместо тоа да бара еднострани отстапки.
„Разговорот меѓу Трамп и фон дер Лајен во неделата даде нов импулс на преговорите меѓу двете страни“, изјави вчера Паула Пињо, главната портпаролка на Европската комисија.
„И ќе продолжиме оттаму“, рече Пињо. „Позитивно е да се види дека има ангажман и на претседателско ниво, а од наша страна секогаш сме велеле дека сме подготвени да постигнеме договор.“
Свет
Кенеди Џуниор: Вакцините против коронавирус повеќе не се препорачуваат за здрави деца и бремени жени

Американскиот секретар за здравство, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, објави дека вакцините против коронавирус повеќе не се препорачуваат за здрави деца и бремени жени.
Во видео објавено на социјалната мрежа X, Кенеди рече дека ја отстранил препораката од Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) за вакцинирање на здрави деца и бремени жени против коронавирусот. Американските здравствени службеници, следејќи ги препораките на експертите за заразни болести, досега охрабруваа годишна вакцинација против коронавирус за сите Американци над шест месеци.
Советодавниот панел на ЦДЦ е закажан да се состане во јуни за да даде препораки за есенска вакцинација. Сепак, Кенеди одлучи дека нема да чека на тие препораки. Тој предупреди дека се препорачуваат годишни вакцини против коронавирус за деца „и покрај недостатокот на какви било клинички податоци“ за да се поддржи таа одлука.
Кенеди и други претставници на администрацијата на Трамп се обидуваат да ги стеснат препораките за вакцина против Ковид-19 и да додадат ограничувања за одобрување на вакцината.