Македонија
(Видео) Кузеска: Доставивме документи до ДКСК, бараме итна постапка за скандалозниот тендер во МВР

СДСМ достави документи до Државната комисија за спречување на корупцијата и бара итна постапка за, како што велат, скандалозниот тендер во МВР.
„Секој ден власта ја тресат корупциски скандали. Буквално смрди на коруцпија во врвот на власта. Последен е скандалозниот тендер во МВР од 4 милиони евра кој го добива и фирма основана 20 дена пред распишување на тендерот. Фирма без искуство, без капацитет, а вчера видовме и дека е без седиште. Фаном фирма ли е? Како е можно ваква фирма да добие тендер за специјализирана опрема за полицијата?“, праша портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, ова е огромен скандал поврзан со Панче Тошковски кој бара итна институционална реакција.
„Денеска сме пред Државната комисија за спречување на корупцијата, да побараме итно постапување по овие сериозните сомнежи за корупција. Ќе и предадеме документи. Да се истражи до крај, дали станува збор за местен тендер, однапред договорен? Чии интереси стојат зад овој тендер вреден 4 милиони евра? ДКСК мора да отвори предмет, да ги истражи сите факти и конечно – да обезбеди одговорност. Време е ДКСК да покаже дека не се неми набљудувачи на криминалот, туку бранители на јавниот интерес“, рече Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кадар на ДУИ е именуван за заменик директор на Агенцијата за национална безбедност, објави Левица

Владата на ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ го именувала Бесник Ферати на позицијата заменик-директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Бесник Ферати како кадар на ДУИ беше заменик и на претходниот директор Еролд Муслиу кој го следа бројни скандали, а за кои ревносно реагираа токму и од сега владејачката ДПМНЕ, соопшти политичката партија Левица.
„Иако Законот јасно наведува дека директорот и неговиот заменик, како и вработените во АНБ не смеат да бидат членови на политички партии – Ферати е познат како кадар на ДУИ и според информациите, близок со Артан Груби и Али Ахмети. Дополнително, за Ферати постојат и информации кои велат дека е поврзан со разни кланови и ‘бзнисмени’ со сериозен криминал.
Пред само две години од претходниот и актуелен заменик-директор на АНБ, Бесник Ферати, излезе снимка каде тој заедно со ексминистерот Крешник Бектеши мавтаат со албанско знаме за што беа крајно изреволтирани членовите на ДПМНЕ и се надеваа, апелираа до нивниот лидер кога ќе дојде на власт да ја расформира тогашната структура на АНБ. Сепак, евидентно, тоа не се случи, а наместо реформирање, денешната власт ги продолжува истите практики и ги рехабилитира контроверзните кадри на претходната владејачка коалиција СДСМ–ДУИ“, велат од Левица.
Се додава дека нејасно е и дали, а доколку да – како Бесник Ферати го поминал полиграфското тестирање за проверка на професионалниот интегритет, за кое се најавуваше дека од февруари годинава конечно ќе профункционира.
Според Левица, може да се заклучи дека АНБ е еклатантен приемр на „како досега” владеењето.
„На чело имаме директор од владејачката партија со крајно спорни дипломи, а негов заменик е кадар на ДУИ“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
Инжинери на Македонија: Глоба до 3.000 евра за ЕВН ако не овозможи визуелен пристап до броилото

Потрошувачите на електрична енергија имаат законско право на визуелен пристап до сопствените броила, а секое спречување на тој пристап од страна на операторот на електродистрибутивниот систем – во овој случај ЕВН – претставува прекршување на Законот за енергетика.
„Со новиот закон кој стапи во сила на 29 мај 2025 година, операторот е обврзан да овозможи визуелен пристап до мерниот уред, односно потрошувачот да може лично и во секое време да го види и провери податокот што уредот го регистрира. Поставувањето на броила во затворени кутии, на височина недостапна за граѓанинот, во заклучени и невидливи за граѓанинот простории или поставено во ормари каде не може да се види броилото, претставува правно недозволено постапување“, велат Инжинери на Македонија.
Законот предвидува глоба од 1.000 до 3.000 евра за операторот ЕВН ако не го исполни ова свое законско задолжение. Тоа значи дека секој граѓанин што не може да го види своето броило, ниту да го контролира внесениот податок за потрошувачката, има право да поднесе претставка и да бара инспекциски надзор и санкционирање на операторот. Ова се однесува и на случаи кога броилата се поставени зад метални мрежи, стакла кои не дозволуваат читање, или ако се наоѓаат на несоодветни и небезбедни места што го оневозможуваат пристапот.
Поднесено е официјално барање до надлежните инспекциски органи: Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот пазарен инспекторат како и Министерството за енергетика, за да се потврди кој од нив е конкретно надлежен за постапување и санкционирање во овие случаи. Веднаш по добивањето на нивниот одговор, како што се додава, јавноста ќе биде информирана кој инспекциски орган е директно одговорен за постапување по претставки за оневозможен пристап до броилата.
„Граѓаните треба да бидат свесни за своето право на увид и проверка на сопствената потрошувачка и да се охрабрат да го пријавуваат секое прекршување. Неовозможувањето на пристап до мерниот уред не е техничко прашање, туку директна повреда на законска обврска и причина за санкција. Броилата иако се сопственост на ЕВН, тие истовремено се дел од јавна услуга, а пристапот до нив е неопходен елемент на транспарентност, контрола и заштита на потрошувачот“, велат од здружението на инжинерите.
Македонија
Денес сончево време и температура до 34 степени

Времето денес ќе биде сончево и малку посвежо со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 18, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.