• Саше Љолес
Симоне Инзаги го одржа првиот тренинг со екипата на Ал-Хилал Ријад, каде пристигна пред само неколку дена по завршувањето на четиригодишната авантура како прв тренер на Интер.
Трофејниот италијански стратег се сретна со играчите и ги изнесе првите гледишта за тоа што треба да биде приоритет следната сезона, изнесувајќи ги своите очекувања и планови.
„Среќен сум што сум овде, ќе работам со група на одлични фудбалери. Засега не сме сите тука, ќе зборуваме повеќе кога ќе се вратат останатите. Мораме да се подготвиме за следниот меч со сите сили што ги имаме на располагање.
Со себе донесов осум членови на стручниот штаб, секој од нив точно ја знае својата улога. Нивните задачи ќе ви станат појасни со текот на времето, ќе работиме со максимален интензитет кога ќе сме комплетни.
Ќе се подготвуваме за Светското клупско првенство, а потоа ќе заминеме на краток и заслужен одмор. Ви благодарам за топлото добредојде“, рече Изнаги.
Италијанскиот стратег пристигна во Ал-Хилал неколку денови после тешкиот пораз на Интер во финалето од Лигата на шампионите. Во новиот клуб ќе заработува огромни 26 милиони евра по сезона.