Први мај помина, а информација за тоа кога ќе се сретнат Мицкоски и Таравари, засега сѐ уште нема. Најавена за по празникот, средбата помеѓу претседателот на Владата и министерот за здравство треба да го даде одговорот, дали Таравари ќе остане на „Илинденска бр. 2“ или неговото напуштање на Вреди ќе значи и излез од владината коалиција.
Лидерите на Вреди, на својот поранешен коалициски партнер и претседател на крилото на Алијанса за Албанците, му порачаа дека нема место во Владата за него, ако соработува со Демократската унија за интеграција.
Со потезите на Таравари се отвори и прашањето – какви се односите во владината коалиција. Премиерот Мицкоски денеска кусо се осврна на ова.
„Кога се очекува средба со Таравари?
– Па, ќе се случи.
Каква е состојбата во владината коалиција?
– Одлична“, одговори претседателот на Владата на РС. Македонија, Христијан Мицкоски.
Лидерите на Вреди претходно се оградуваа од изјавите на Таравари дека дека и Алијанса, но и сите други партии од Вреди имаат некаква комуникација со ДУИ.
А, денеска во скопско Свиларе беше лидерот на интегративците, Али Ахмети, кој очекувано се соочи со прашањата дали има некаков договор со Арбен Таравари, за евентуална соработка на претстојните локални избори.
Претседателот на ДУИ не даде конкретен одговор – партиското раководство ќе ги разгледа сите прашања, вели тој. Ахмети се осврна и на случувањата во Вреди, пред да заклучи дека – „ДУИ нема опонент“.
„Ние го поздравуваме чинот на Таравари што многу порано сфати дека оваа Влада не е ништо повеќе освен антиалбанска Влада, којашто дојде на власт со антиалбанска платформа. Во моментот кога неговото учество во Владата нема да биде добро за него, тој може да се тргне. Но, тоа се негови работи, не се наши ниту на Европскиот фронт. Тие се внатрешни работи коишто господинот Таравари треба да ги менаџира. Колку што јас гледам, Влен повеќе не е Влен, туку е лен, кажа Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Околу прашањето дали тој и неговата ДУИ имаат контакти со СДСМ – Ахмети одговара да, има. Но, без подетални информации за преговори и можна соработка на локалните избори на есен.
Петар Догов