ВИДЕО: Меси стрелаше во Јамајка, Интер Мајами во четвртфиналето од ЛШ

Познати се сите учесници во четвртфиналето на Купот на шампионите на американскиот континент, а меѓу нив секако е и Интер Мајами.

Тимот од Флорида славеше и во реваншот, во Јамајка против Кавалирс, со ист резултат како и на првиот натпревар – 2-0.

Головите ги постигнаа поранешните асови на Барселона, а сегашни на Интер Мајами, Луис Суарез и Лионел Меси. Уругваецот ги „отвори“ Јамајканците со гол од пенал во 37. минута, а Меси во игра влезе во 53. минута и запиша нов погодок. Тој противничката мрежа ја затресе буквално во последните секунди од натпреварот, кога стави точка на победата на својот тим.

Интер во четвртфиналето ќе игра против Лос Анџелес, што ќе биде најголемото дерби од оваа фаза од натпреварувањето. Преостанатите парови ќе бидат: Ванкувер Вајткепс – УНАМ, Клуб Америка – Круз Азул и Тигрес – Лос Анџелес Галакси.