• среда, 09 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Дигитализирана Едицијата „Охридско книжевно наследство“

Дигитализирана Едицијата „Охридско книжевно наследство“

Охрид, 25 февруари 2025 (МИА) - Општина Охрид  преку Програмата за култура  во делот на Издавачка дејност  веќе неколку години го спроведува проектот Охридско книжевно наследство. Приредувачи на проектот се проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а главен и одговорен уредник е Митре Велјаноски. 

Книгите сега се објавени и во дигитална форма на интернет страницата на општината (https://ohrid.gov.mk) со што оваа едиција станува подостапна за научната  јавност, како и за помладата генерација која работи или ќе работи на истражувања поврзани со познатите охридски имиња.

Едицијата „Охридско книжевно наследство“ започна  во 2018-тата година  и опфаќа 11 книги: „Дојди во Охрид“(Антологија на песни  за Охрид) 2018, „Антологија на ловорот“ 2020, „Книга за Чинго“ 2021, Охридски раскажувачи 2022 година, Книга за светите браќа Кирил и Методиј 2022, Книга за светите бража Климент и Наум Охридски 2022,  „Охридскиот XIX век“ 2023, „Охридски поети“ 2023, Охридските писатели за деца и младинци 2024, „Охридските драмски писатели“ 2024, „Охридските  писатели во книжевната критика“ 2025, наведуваат од Општина Охрид.

Во текот на 2025 година  ќе бидат издадени книги Охридски фолклористи, Охридска историографија и Охридска книжевна школа. Целта на проектот е да се  соберат на едно место сите охридски духовници, преродбеници, револуционери и други општествени дејци кои оставиле свој траг во  целокупната охридска меморија.

- Наша должност е да го чуваме македонскиот јазик, македонските великани и да го зачуваме споменот на сите кои пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Преку дигиталната верзија на оваа едиција Општина Охрид како издавач овозможува  истата да стане подостапна за целокупната јавност, читајќи, прелистувајќи , превземајќи содржини за сите читатели, нагласуваат од охридската локална самоуправа.аб/са/

Фото: Општина Охрид

Остани поврзан