1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието мегдан за навреди, мизогинија и дискредитации

ДТЗ
28 февруари 2025

Дуелот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и пратеничката Славјанка Петровска ескалираше со навреди. Петровска најави дека ќе поднесе претставка за дискриминација. СДСМ бара оставка од министерката.

https://p.dw.com/p/4rBHr
Гордана Димитриеска-Кочоска
Дуелот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и пратеничката Славјанка Петровска ескалираше со навреди.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лавина реакции предизвика во јавноста собраниската расправа на којашто дуелот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и пратеничката Славјанка Петровска ескалираше со навреди, мизогинија и дискредитации. 

Петровска најави дека ќе поднесе претставка до Комисија за спречување и заштита од дискриминација поради тоа што министерката за финансии упатила лични напади кон неа. Таа смета дека намерата била да биде омаловажена затоа што нема деца и семејство.

Зад пратеничката застанаа нејзините сопартијци и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, коишто оценија дека изјавата на министерката Димитриеска-Кочоска е срамна и понижувачка за секоја жена.  Тие побараа оставка од министерката. Остри реакции има и на социјалните мрежи, откако министерката на собраниска расправа и се обрати на пратеничката со зборовите: „Врз основа на што вие во уста ги ставате мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина“.  

„Со тоа нѐ навредивте сите нас кои од X причини немаме деца, ги навредивте сите кои немаат деца ама се грижат и готват за своите родители, им плукнавте во лице на сите жени кои отстапуваат од вашата замисла за просечно македонско семејство, иако, со оглед на вашите приходи, далеку сте пред нив во однос на финансиската стабилност. И должите извинување на секоја од нас“, коментираат дел од граѓаните на профилот на министерката на Фејсбук.

Што ја предизвика расправата?

Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Славјанка Петровска поставувајќи прашања на собраниската расправа во четвртокот (27.02) се осврна на неодамнешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за цените на храната, па расправата продолжи во насока дали треба да се купува грашок од конзерва кој е поскап, или замрзнат или пак колку млеко е доволно за месечните потреби на едно семејство.  

И токму тука кулминираа расправите кога таа ја запраша Петровска „врз основа на што ги ставате во уста мајките што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши“. „Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. И чисто вака да ви укажам да проверите на Државниот завод за статистика, согласно последниот попис што вие го направивте, во Македонија просечно е тричлено семејство, а не четири“, рече таа.

Собрание
Собранието мегдан за навреди, мизогинија и дискредитацииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Петровска возврати дека нема да реагира на навредите, но и порача дека „го пробила дното“. Подоцна таа во гостување на емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24  рече дека еднаш засекогаш мора да се стави стоп на ваквото однесување од страна на власта. „Не е првпат премиерот и претставници на Владата да навредуваат, понижуваат и омаловажуваат пратеници на поставено прашање. Ако ние денеска зборуваме за парламентарна демократија, тогаш секој треба да си го знае своето место“, рече Петровска.

Славјанка Петровска
Зад пратеничката застанаа нејзините сопартијци и лидерот на СДСМ, Венко Филипче коишто оценија дека изјавата на министерката Димитриеска-Кочоска е срамна и понижувачка за секоја жена. Фотографија: MOD North Macedonia

Лавина реакции и по расправата

Расправата којашто започна во Собранието на Северна Македонија подоцна се пресели и на социјалните мрежи. Сопартијците на Петровска преку објави на Фејсбук застанаа во нејзина одбрана и ги осудија нападите на министерката. 

„Нема да молчам пред дискриминацијата! Пратеничката Славјанка Петровска денес беше мета на срамна дискриминација и навредлив став од страна на министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска. Ова не беше само личен напад, туку атак врз достоинството на сите жени, врз правото на секој избран претставник и претставничка да зборува без да биде понижуван/а“, вели пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ.

Според него, Собранието не е приватен клуб во кој министрите и министерките одлучуваат кој заслужува почит, а кој не. „Почитта не е привилегија што ја доделува еден функционер, туку основен демократски принцип. Министерката за финансии покажа ароганција и непочитување кон институцијата во која беше дојдена да одговара, а не да дели оценки за пратеници и пратенички“, додава тој. 

И партискиот лидер е шокиран од навредата што министерката за финансии ја упати кон пратеничката. „Нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца ме згрози. Наместо аргументи и дебата во Собранието, сведочиме на лични дискредитации што е добро познат начин на одбрана на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога се соочени со критика, нивниот одговор не е дебата, туку омаловажување“, вели тој. 

Кој прв почна

Министерката Димитриеска-Кочоска, пак,  смета дека била извадена од контекст во дуелот со пратеничката во Собранието. Неколку часа по собраниските случувања, таа објави дека обвинувањата против неа за личен напад се лажни и дека се дел од, како што вели, „хистеријата на СДС“. „Никогаш немав намера да ја навредам пратеничката Славјанка Петровска, но почитта мора да се заслужи“, вели таа.

И Владата застана во одбрана на министерката. Владината портпаролка, Марија Митева во гостување на Телевизија 24 рече дека кабинетот на министерката Димитриеска-Кочоска функционира професионално и дека нејзиниот одговор во Собранието не бил насочен кон лична навреда или штета кон пратеничката Славјанка Петровска.

„Јас немам исто така деца, јадам грашок и точно и јас знам како се движат цените во маркетите. Верувајте ми дека никогаш не би си дозволила, како една жена која што секогаш во политиката ги критикувала навредите кои што се случувале, да не искритикувам доколку станува збор за лична навреда со интенција. Во овој случај, одговорно тврдам дека, бидејќи бев таму, немаше интенција на навреда“, додаде Митева.